1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

120411 Schwellenländer BRIC

19 април 2011

На Бразил, Русија, Индија и Кина од пред извесно време им се приклучи и Јужноафриканската Република. Овие земји ги поврзува брзиот економски развој, но немаат многу други заеднички точки.

https://p.dw.com/p/10vSb
Фотографија: AP

На самитот одржан минатата недела во јужно-кинескиот град Санја, на претседателите на Бразил, Русија, Индија и Кина им се придружи и колегата по функција од Јужноафиканската Република, која е нов член на тој клуб.

Министрите за надворешни работи на четирите земји првпат се состанаа во јуни 2009 година во рускиот град Екатеринбург, со намера да израснат во вистинска политичка сила. Оттогаш тие редовно се среќаваат и медиумски ефектно ги нагласуваат своите силни страни и она што им е заедничко. Но, тука нема многу нешта за набројување, смета Тобијас Гајер, експерт за пазари во подем од друштвото за управување со акционерски фондови „Ековорлд“.

„Овие држави се развиваат различно, а најмал заеднички именител им е силниот стопански пораст, како и дека станува збор за релативно големи земји. Секако има и други пазари во подем со исто толку силен стопански пораст и можеби во социолошко-економски поглед подобростоечки, значи кои имаат и брз пораст на бројот на населението, но не се толку интересни, оти се мали“.

Во државите од БРИК живее околу 40 насто од светското население, а заеднички тие сочинуваат една четвртина од севкупните светски економски постигнувања. Нивниот стопански пораст лани изнесуваше помеѓу четири и десет проценти - најнискиот во Русија, највисокиот во Кина.

Русија особено тешко се вклопува во групата

BRICS Treffen in China 2011 mit Singh, Medwedew, Hu Jintao, Rousseff und Zuma
Медиумски ефектно нагласување на заедничките точкиФотографија: AP

Разликите меѓу овие земји се такви, што се оправдани сомневањата дека е можен нивен заеднички успех.

„Бразил и Русија, кои меѓусебно се разликуваат, се многу позависни од извозот на суровини, отколку Кина и Индија, кои пак се зависни од увоз на суровини. Нивниот развој, како во примерот со Кина, се генерира од извозот на индустриски стоки. Индија, пак, има многу силен извоз во сервисниот сектор, на пример информативната технологија, но таму мотор на порастот честопати е внатрешниот пазар“, анализира Маркус Јегер од истражувачкиот оддел на Дојче банк.

Во поранешната четворна група особено тешко се вклопува Русија. Таа во групата има најголем приход по глава на жител, но многумина набљудувачи сметаат дека земјата всушност е во надолен тренд, додека другите три го шират потенцијалот на моќ. Слично гледа и Тобијас Гајер, но со една задршка:

„Вообичаено и јас би рекол дека Русија е во најлоша состојба. Но, со цените на нафтата какви што се во моментов, тоа мора да се ревидира. Тука, од БРИК-земјите, најмногу профитираат Русите“.

Вистинските интереси зад приемот на Јужноафриканската Република

BRICS Treffen in China 2011 Medwedew,und Hu Jintao
Русија со слаб наталитет, Кина намерно го ограничуваФотографија: AP

Со порастот на цената на нафтата се полни касата на Русија, која е извозник на нафта. Но, Русија има негативен демографски развој, укажува Маркус Јегер: таму има премногу стари, а премалку млади луѓе, кои можат да стопанисуваат. Тоа може да биде проблем и во Кина, поради нејзината политика на едно дете по семејство. Наспроти нив, во Бразил и Индија нараснува еден среден слој кој не само што произведува, туку и радо троши и ја поттикнува внатрешната побарувачка. Иако во сите четири земји политиката неретко се меша и во стопанството, сепак во Кина, но и во Русија државата има многу поголема контрола, отколку во Бразил или Индија. И тоа има последици врз соработката, вели Маркус Јегер.

„Токму од економски агол мора да се каже дека има конфликти меѓу тие четири држави. Да наведеме само еден пример: Бразил има проблем со релативно силната национална валута и се жали дека курсот на кинеската валута е под нејзината реална вредност. Во тој поглед веќе имаше контакти меѓу Бразил и САД“.

Конфликти може да има уште повеќе по приемот на Јужноафиканската Република во клубот кој сега се вика БРИКС. Со стапка од три проценти, таа има понизок стопански пораст, а со 50 милиони жители е еден вид џуџе во споредба со другите четири земји. Има индиции дека со приемот на Јужноафиканската Република другите членки го имаат на ум целиот африкански континент, за да ги задоволат своите потреби од суровини, како што тоа веќе го прави Кина. А, токму тоа предизвикува недоверба кај многумина Јужноафриканци. Скепса искажа дури и заменикот-министер за економски развој, изјавувајќи дека е се` уште нејасно дали тој ангажман „им служи на интересите на Африка, или, пак, ги поткопува.“

Автор: Јута Васераб/Зоран Јордановски

Редактор: Горан Чутаноски