1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Груевски: Никој во ВМРО- ДПМНЕ не се чувствува виновен

Е.М.Фиданоска14 април 2016

Лидерот на ВМРО- ДПМНЕ Никола Груевски изјави дека секој кој сторил криминал треба да одговара. Тој се консултирал со правници, од што заклучил дека „никој во државатанема можност да прифати или не прифати“ аболиција.

https://p.dw.com/p/1IVLF
Фотографија: picture-alliance/dpa/G. Licovski

Лидерот на ВМРО- ДПМНЕ Никола Груевски ги информираше новинарите дека партијата во текот на вчерашниот ден вршела анализи и консултации и дека сака уште еднаш да се произнесе по повод прес-конференцијата на претседателот Ѓорге Иванов. Не се сомневаме во неговите добри намери, не се сомневаме ниту во законитоста и уставноста на неговата одлука, рече Груевски, додавајќи дека сепак сака да укаже на следното:

„Прво, сакаме уште еднаш силно да се оградиме од оваа одлука на Претседателот. Таа одлука не е во склад со нашите заложби и му помага на СДСМ. Спротивна е на многу наши заложби. Ставот на ВМРО- ДМПНЕ е дека тој кој направил криминал треба да одговара.

Второ, никој во ВМРО- ДПМНЕ не се чувствува виновен. Оттгука никој од нас не посакуваше да има прекин на постапките за што Иванов донесе одлука. И покрај очигледното непрофесионално однесување на структурите на СЈО и заземањето страна, во случајот страната на СДСМ, ние сме убедени дека низ правна постапка ќе се покажеше вистината.

Трето, жалиме што оваа одлука значи ослободување од гонење на Зоран Заев и Зоран Верушевски, како и неколкумина други нивни соработници. Овие двајца луѓе ставајќи се во туѓ интерес ѝ нанесоа огромна штета на државата и народот и тие требаше да одговараат. “

Груевски тврди дека интерес на СДСМ е „во земјата да има анархија, да има безредие и хаос“, но тоа, како што рече не е „интерес на граѓаните и на ВМРО- ДПМНЕ“. Според лидерот на ВМРО- ДПМНЕ, „наш заеднички интерес е земјата да оди напред, демократијата да функционира, одлуките на фер и слободни избори да ги носат граѓаните“.

Груевски тврди дека „СДСМ заедно со Соросовите здруженија и невладини органзиации и онака планираа овие денови да прават протести секој ден со цел влошување на атмосферата и ескалација на состојбите“, а со крајна цел - одложување на изборите.

Тој го повика СДСМ да излезе на избори и „да не се плаши од народот“:

„Повикуваме на заедничко дејствување во корист на иднината на државата и граѓаните. Поделби и насилства нема да нѐ одведат никаде.“

Груевски и лично му се обрати на лидерот на СДСМ Зоран Заев, притоа коментирајќи ја неговата изјава за телевизија Телма, во која тој не исклучи украинско сценарио во Македонија:

„Додека стојам тоа нема да ти го дозволам. И самиот си свесен дека народот сака да заврши кризата. Престани да ги организираш хулиганите да го реметат мирот на граѓаните. Собери еднаш храброст и излези да се соочиш со народот на избори, на фер и демократски избори. Доста бараш изговори.“

Одговарајќи на прашањата на новинарите, Груевски рече дека за одлуката на Иванов дознал од медиумите, а што се однесува до тоа дали ја прифаќа аболицијата или не, тој изјави:

„Од она што се консултирав во теко на вчерашниот ден со врвни правници, адвокати, никој во државата нема можност да прифати или не прифати, за жал.“

Новинарите го прашаа и дали ќе побара оставка од претседателот Иванов, на што Груевски одговори дека Претседателот немал направено уставна или законска грешка за да може да се покрене што било.