Груевски: Македонците не прифаќаат преименување
28 септември 2013„Македонскиот народ никогаш нема да прифати да биде преименуван, а ако ова прашање не може да се реши сега, иако ние сме најзаинтересирани за негово решавање и искрено посакуваме решение кое ќе е одржливо, балансирано, и најбитно взаемно прифатливо, тогаш некоја друга генерација во поинакви околности ќе може да го реши ама токму врз база на вредностите, позициите и принципите кои претходно ги наведов, а кои говорат за праведно и правично решение, без победници и поразени“, рече Груевски.
Македонскиот премиер нагласи дека решавањето на разликите со Грција е приоритет на земјата, но токму и само во рамките на границите на резолуциите на ОН кои го дефинираат решението кое е предмет на разговори и взаемно прифатливо решение, и никако на друг начин, а особено никако со проширување на тие граници.
„Грција покрај што го оспорува уставното име на мојата земја Република Македонија го оспорува и идентитетот на моите граѓани, односно не дозволува тие да се нарекуваат Македонци, а јазикот кој го говорат да се нарекува македонски“, опомена Груевски.
Тој изрази убедување дека со суштински ангажман на меѓународната заедница може да се дојде до решение кое, како што истакна, ќе ги одглави перспективите на Република Македонија. Примерите на Србија и Косово, Хрватска и Словенија, каде на највисоко ниво политичките претставници ги надминуваат предизвиците, според Груевски, се најдобар доказ дека со овој начин се постигнуваат резултати и притоа ги повика сите присутни на Генералното собрание директно да се вклучат кон реализација на оваа иницијатива и кон надминување на застојот.
„ОН не смее да седат со скрстени раце и да бидат задоволни со статус кво ситуацијата, затоа што тоа е покажување на дополнителна неодговорност“, рече Груевски и побара Светската организација преку своите механизми да помогне за придвижување на процесот и одглавување на перспективите на Македонија.
„Со вашиот ангажман да обезбедите интензитет и придвижување, поголем интерес од грчка страна за решение и прогрес. Постапките говорат за оние кои ги преземаат, ние токму со нашата отвореност и со нашата иницијатива, која е оправдана, покажуваме дека ние сакаме решение. Но, нашите средби не смее да бидат проформа, туку суштински, и не смее да создаваат алиби за неизнаоѓање на решение“, нагласи премиерот Груевски.
Во својот говор македонскиот премиер подвлече дека Република Македонија активно придонесува во промоција на мирот во меѓународни рамки, меѓу другото и со учество во мировните мисии за обезбедување на мирот и развој на демократија. Во однос на Сирија Груевкски ја изрази поддршканата на Македонија, за напорите на ОН за наоѓање политичко решение за конфликтот и осуда на употреба на хемиско оружје.