Малиот диктатор под закрилата на големиот автократ
21 ноември 2018Да се зборува за политички прогон во случајот на Груевски е апсурд, и покажува колку е поткопана правната држава во Унгарија, коментира во денешното издание австрискиот Стандард.
„Груевски и Орбан уште пред неколку години влегоа во сојуз против либерално-демократскиот поредок.
Во времето на Груевски, Македонија стана најнеслободна земја во Југоисточна Европа. Малиот диктатор стана симбол за целосна контрола врз медиумите, судството и полицијата. Никој не беше толку немилосрден и неразумен како Груевски.
Затоа и беа потребни години, за со помош на ЕУ и САД, да започне процес на демократизација со кој Груевски беше принуден на оставка во 2016. Враќањето на правната држава во Македонија е еден редок позитивен развој во целиот регион во изминатите години. Авторитарните и корумпираните политичари наоколу реагираа исплашено. Токму затоа успешното бегство на Груевски е тежок удар за сите, кои се залагаат за реформи на правосудството и транспарентност, а тоа е и навреда за Комисијата на ЕУ.
Некој ќе мора да објасни како експремиерот, кој веќе долго немаше пасош, успеал да пропатува низ Албанија, Црна Гора и Србија, без да биде сопрен. Секој, кој знае барем малку за неговиот случај, знае дека се работи за криминалец. Доколку е точно дека Унгарија му дала пасош, тоа покажува колку пораснало влијанието на Орбан на Балканот- а тоа е лош знак“, коментира Стандард.
Швајцарскиот Ноје Цирхер Цајтунг денеска проценува дека е илузорно да се верува дека Груевски ќе биде вратен во Македонија, и ги пренесува критиките кон македонските власти.
Андрас Ледерер од унгарскиот Хелсиншки комитет за НЦЦ вели дека постапката по барањето за азил на Груевски била најбрзата која тој некогаш ја видел.
„Во нормални околности, барателите на азил во транзитните зони на границата чекаат повеќе месеци за една одлука. Но, не е неверојатна само брзината, туку и позитивниот исход на барањето. Според податоците на Хелсиншкиот комитет во 2017 година само три проценти од барателите на азил добиле статус на бегалци. Притоа, во јули годинава стапи во сила нов закон според кој влегувањето од српска територија значи автоматско отфрлање на барањето. Оттогаш, не е прифатено повеќе ниту едно барање за азил, вели Ледерер. Случајот Груевски е најневообичаената одлука која тој досега ја видел.“
„Македонската министерка за правда Рената Дескоска вели дека барањето за екстрадиција ќе биде испратено до Унгарија и покрај тоа што Груевски веќе доби азил. Сепак, тоа делува сосема илузорно. Во Македонија се засилуваат критиките и кон власта. Тие се однесувале небрежно или свесно му овозможиле на Груевски да избега, велат критичарите. Во случајот е неверојатно дека полицијата не го уапси Груевски откако стана правосилна пресудата. А откако исчезна, властите чекаа со денови за да издадат меѓународна потерница“, пишува НЦЦ.
„Одлуката за азил на унгарските власти е шлаканица в лице за ЕУ. Брисел и одредени земји членки работеа напорно и не без успех, за повторно да го зајакнат владеењето на правото во Македонија. Орбан јасно стави до знаење што мисли за тие реформи. За него најважни се неговите политички пријатели, кои како и него го следат проектот на „илиберална демократија“, па дури и кога станува збор за мали автократи кои ја ограбија својата земја. Орбан делува сигурен дека може да работи против декларираните интереси на ЕУ, и во исто време да профитира од бриселската каса“, заклучува НЦЦ.
Германската новинска агенција ДПА се повикува на аналитичари кои проценуваат дека шансите Унгарија да го екстрадира Груевски назад во Македонија, откако му беше доделен азил, се минимални.
„Невообичаената експедитивност на постапката укажува дека Груевски е под директна заштита на унгарскиот премиер Виктор Орбан со кого го поврзува долгогодишно пријателство.“
„Со брзото окончување на постапката, шефот на унгарската влада се надева дека целиот случај брзо и без поголеми меѓународни компликации ќе биде пикнат под тепих“, пишува ДПА.