1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Груевски заминува, наследникот неизвесен

11 декември 2017

Најголемата македонска опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ на Конгрес на 22 и 23 декември ќе бира наследник на долгогодишниот претседател и експремиер Никола Груевски. Груевски тврди дека си заминува од морални причини.

https://p.dw.com/p/2p8sS
Mazedonien Proteste in Skopje VMRO DPMNE Nikola Gruevski
Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

Никола Груевски пред членовите на партискиот Централен комитет ја потврдил најавената неотповиклива оставка од челната позиција во опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Доцна синоќа во партиската централа во Скопје, Груевски пред сопартијците соопштил дека „оставката ја поднесува како морален чин, бидејќи е природно човекот во кој сите имаат најголема доверба врз себе да ја преземе одговорноста за поразот и покрај сите фактори кои влијаеле“. Никола Груевски е политичар со најдолг стаж на чело на ВМРО-ДПМНЕ, партија која ја предводеше од мај 2003 година, како и на чело на владата- 10 години.
Дел од членовите на Централниот комитет, сепак, инсистирале Груевски да остане на претседателската функција и во дискусиите барале да се расправа и да се гласа за неа.
„При првото гласање не беше постигнато потребното двотретинско мнозинство. Пред второто гласање од страна на претседателот Груевски беше посочено дека не станува збор за гласање 'за или против' него, и со дополнителни аргументи ги убедуваше членовите на ЦК да поддржат одржување на Конгрес. Потоа во вториот обид огромно мнозинство членови на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ ја поддржа одлуката за одржување на вонредниот Конгрес", информираат партиски извори за ДВ. 

Повеќе на темата: 

Со нелегитимни делегати - нелегитимен избор на лидер на ВМРО-ДПМНЕ

Бојкотот на ВМРО-ДПМНЕ - добитничка или губитничка стратегија? 

Додека на Груевски не му се стемни, на ВМРО-ДПМНЕ нема да ѝ се раздени

Врз основа на Статутот на партијата, ЦК вчера усвоил заклучок, според кој, кандидат за претседател на партијата може да предложат најмалку 30 делегати на Конгресот. Еден делегат може да поддржи само една кандидатура за претседател на ВМРО-ДПМНЕ. Кандидатурите може да се поднесуваат најдоцна до 21 декември до 15 часот до правната комисија на ВМРО-ДПМНЕ, во архивата на партијата. Тоа не ја исклучува можноста 30 делегати повторно да го предложат и Груевски за старо- нов претседател. Досега својата кандидатура за лидерската функција јавно ја најави единствено Филип Петровски, кој исто така е делегат на Конгресот. Во јавноста се шпекулира со повеќе имиња како можни наследници на Груевски. Личен фаворит на Груевски е актуелниот генерален секретар Христијан Мицковски, но тој наводно нема поддршка во базата на партијата. Во неа, пак, најдобро котираат пратениците Илија Димовски, Антонио Милошоски и Влатко Ѓорчев.
Од друга страна, Груевски и кругот околу него веќе подолго време се соочуваат со опозиција во сопствената партија преку ткн. реформско крило во партијата кое подолг период бара темелни реформи во партијата и избор на нови членови на Централниот комитет.
„По огромни отпори го дочекавме имплицитното разрешување на Груевски од позицијата претседател на ВМРО-ДПМНЕ. ЦК со големи осцилации дојде до конечно завршување на првиот чекор од процесот на саморазградување на окупаторската структура во партијата", коментира професорот и екс-министер за образование во владата на ВМРО-ДПМНЕ, Ненад Новковски. Но, тоа не е доволно, вели тој.
Без избор на сосема нови членови на Централниот комитет и избор на нови делегати кои ќе изберат нов претседател а потоа и Извршен комитет, евентуалниот избор на нов лидер по нарачка би бил целосно нелегитимен, вели Новковски за ДВ. 

Nenad Novkovski
„Саморазградување на окупаторската структура во партијата". Ненад НовковскиФотографија: DW/Kalinski

Делегати во притвор
На 16-от вонреден Конгрес на партијата на 22 и 23 декември во Валандово ќе учествуваат 544 делегати од претходниот Конгрес. Критичарите велат дека самиот состав на делегатите на Конгресот е проблематичен затоа што во него доминираат многу имиња кои се опфатени со истрагите на СЈО и за кои се започнати судски процеси. Дополнително, неколкумина делегати се наоѓаат во затворски или куќен притвор, како поранешниот министер за внатрешни работи Митко Чавков и пратеникот Јохан Тарчуловски, кои се осомничени во истрагата за крвавиот упад во парламентот на 27 април годинава.

Од реформското крило велат дека таквиот состав на конгресот го прави изборот на идниот претседател нелегитимен, и дека најпрво мора да се расчисти состојбата во партиските органи.
„Без овие постапки, евентуалниот избор на нов лидер по нарачка би бил целосно нелегитимен, но и нефункционален, поради тоа што голем дел од раководството ќе се најде и официјално од другата страна на законот, па ВМРО-ДПМНЕ наместо да води политичка борба со власта, ќе се најде во ситуација да дејствува како адвокат од улица. Таков исход е очекуван, имајќи предвид дека многу лица се обврзани на различни начини да поддржуваат до крај непринципиелно поведение на раководството", предупредува Новковски.