1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Груевски ги разјаснил работите – Брисел возврати со санкции

Зоран Јордановски3 јули 2016

Наспроти предвидувањата дека меѓународната заедница, со проблем повеќе по брегзит, ќе има уште помалку време за Македонија, се чини таа конечно преминува од јалов муабет кон енергични мерки. Колумна на Зоран Јордановски.

https://p.dw.com/p/1JHyk
Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

Македонската сива еминенција Никола Груевски, де јуре екс, но де факто и натаму премиер и претседател на владејачката партија ВМРО ДПМНЕ, пред неколку дена ја уверуваше јавноста дека во разговорите во Брисел на соговорниците им разјаснил некои работи во врска со неговата земја и со тоа коригирал некои нивни заблуди. На одговорот за „успехот“ на неговата мисија не се чекаше долго и очигледно таму конечно им се разјаснило: ЕУ укинува дел од финансиската помош, информираа вчера македонските медиуми, повикувајќи се на извори во Унијата. Втор дел од одговорот ќе дојде во наредните денови, за време на посетите на специјалниот германски пратеник Јоханес Хајндл и на помошникот државен секретар на САД за европски и евроазиски работи Викторија Нуланд.

Информациите дека на минатонеделната средба на министрите за надворешни работи на ЕУ била целосно отфрлена опцијата за санкции против Македонија благодарение на противењето на поддржувачите на режимот на Груевски, како Унгарија на Виктор Орбан, но и Грција (!), новата вест од Брисел ги прави приближно исто толку веродостојни, колку и изјавата на Груевски по враќањето од таму. Втор, но далеку поважен заклучок што произлегува од оваа вест, е дека конечно на меѓународната заедница изгледа ѝ „пукна филмот“ и за македонските политички мангупи и ова е не жолт, ами црвен „лајт“ картон, последно предупредување итно да го спроведат она на што се согласија – Пржинскиот договор, а што очигледно мислеа дека како и многупати пред тоа ќе можат да го разводнат и на крајот да го сведат на „тоалетна хартија“.

Frankreich Justiz Statue Symbolbild
Фотографија: Getty Images/AFP/D. Meyer

Зошто Јустиција си ги врзала очите?

Наредниот, „тврдиот“ црвен картон, веќе е најавен во истата вест: натамошно, позначително секнување на дотекот на пари од Брисел. А тоа е едно од најефикасните средства за вразумување на власта во Македонија, оти така битно се намалуваат можностите за таа и понатаму да ги корумпира граѓаните со ветувања или со реализирани покачувања на плати и пензии за што нема никаква реална економска подлога. Се разбира, власта уште може да обезбедува пари на пазарот на капитал, но прашање е под какви услови и до кога?

Може да се претпостави дека „тврдиот“ црвен картон нема да остане само на финансиски терен, туку ќе ѝ стави крај и на играта со блокадата на работата на СЈО, која според логиката на нештата веројатно е инспирирана од засегнатите политичари, а спроведувана од правосудните органи во Македонија.

Специјален суд за специјалните случаи би го елиминирал влијанието на партиските послушници во судиска одора, за кои во јавноста веќе е речено дека се срам за судството и го валкаат образот и на чесните судии и обвинители во Македонија. Да не беше така прикажувана уште од антиката - како симбол за еднаквоста на сите граѓани при одмерувањето на правдата, човек би помислил дека Јустиција си ги врзала очите оти веќе не може да го гледа она што се случува во македонското правосудство.

Jordanovski Zoran Kommentarbild App
Зоран Јордановски

На слепиот штрк други му го прават гнездото

На сите им е јасно и дека кризата во Македонија предолго трае, и зошто е тоа така. Меѓународната заедница, всушност, многу доцни со преземањето енергични мерки за средување на ситуацијата во Македонија. По сѐ што се случува таму од декември 2012. (да не одиме поназад, ни триипол години не се малку време), многу бесмислено звучат зборовите на македонскиот министер за надворешни работи Никола Попоски во едно интервју дадено неделава за странски медиум, дека решението за кризата требало да се постигне внатре, од четирите партии, а не да биде наметнато однадвор. Точно е дека тоа ќе беше најдобра варијанта, но кој и што ги спречи тие да го сторат тоа досега!? Кој и што го спречувало Попоски и самиот во редовите на својата партија да се погрижи за чекори за конструктивно надминување на кризата? Наместо излез, кризата се продлабочува.

Иако задоцнет, засилен ангажман на ЕУ и САД во Македонија токму во овој момент, кога се преокупирани со други проблеми на светов кој е на крстопат по прашањето на иднината, воопшто не е изненадувачки. Од една страна, секој дипломатски успех, макар и мал, макар и само во Македонија, е охрабрувачки и добредојден; oбратно погледнато, неуспех во малата Македонија не ветува ништо добро кога е во прашање решавање на далеку поголемите европски и светски проблеми. Од друга страна, пак, Македонија навистина е мала, но околу неа повторно почнаа да се водат големи игри. Засилениот руски интерес и конкретни акции за Балканот - вклучително Македонија, и кокетирањето на загрозената вмровска врхушка со свртување кон Москва, како некој вид уцена за Брисел, во обид да се извлече од неизбежното судското расчистување на криминалот сугериран во содржината на бомбите (снимките од илегалното прислушување на електронски комуникации), се аларм за Вашингтон, Брисел, Берлин енергично да се ангажираат околу Македонија. Колку и да е во македонскиот политички пејсаж незначајна партијата која деновиве во Москва потпиша документ за приклучување кон руската опција за Балканот, таа сепак е дел од коалицијата која е на власт во Македонија, а која, според досегашната практика, во своите редови не дозволува неконтролирани излети.

Symbol Straße 2 Pfeile
Фотографија: imago/Westend61

Quo vadis, Македонијо?

Изјавата на министерот Попоски и редица слични на политичари од врвот на македонската политичка сцена, постојано ме враќаат на прашањето како се чувствува човек на толку висока функција кога (мора да) се обидува пред јавноста да брани нешто што е неодбранливо, јавно да каже нешто за што и самиот знае дека не е вистина или нешто што е спротивно на неговите лични убедувања? Која е цената за тоа? Да си ја задржи функцијата? Зошто по сите скандалозни настани на УКИМ, досегашниот ректор прозборе дури сега, кога му поминува мандатот? Зошто се огласи само за последните случувања во врска со изборите за претседател на студентската организација – и пак со многу претпазливо одбрани зборови и сепак без категорична осуда? Зошто слично се однесуваше и претходниот претседател на МАНУ? Дали одговорот се крие во начинот на кој власта му ја затна устата на новиот челник на Академијата? Сметам дека е обврска на водечките интелектуалци во секоја средина да го кренат гласот против узурпациите на власта и против сите неправилности во општеството. Нивната висока научна титула и функции, ако не се придружени и со соодветен личен интегритет, практично не значат многу. Кој да ги води и да им биде пример на младите, оние на кои ќе им го оставиме општеството? Кој да ги формира нивните вредносни системи и мерила, да го негува идеалот да градат општество на демократија, правда и праведност, граѓанска еднаквост, општество на граѓанска и медиумска слобода? Какво општество ќе градат млади, веќе на тие години подготвени за макијавелистички сфатен кариеризам (целта ги оправдува средствата), кои на најгруб можен начин ги манипулираат изборите на едно релативно незначајно студентско раководство? Како ќе се однесуваат тие кога ќе е во прашање вистинска моќ во некое претпријатие, установа или државен орган?

До каде дојде и, вака тргната, до каде ќе стигнеш Македонијо?

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема