1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дом на „Гркот Зорба“ му бил хотелот „Ловец“ во Скопје

13 јануари 2014

Од 1922 година во следните две децении, „дом“ на „Гркот Зорба“ бил градскиот хотел „Ловец“ во Скопје и локалните кафеани, особено гостилницата „Маргер“, каде играл, пеел и пиел со пријателите

https://p.dw.com/p/1ApVY
Alexis Zorbas Anthony Quin
Ентони Квин во улогата на гркот ЗорбаФотографија: Imago

Неговото име го нема на репертоарот на македонската културна сцена - балетска, театарска, филмска... Колку за илустрација, минатиот месец во Софија се бараше билет повеќе за балетската претстава што ја оживотворува приказната од романот на славниот грчки писател, Никос Казанѕакис. Билет повеќе „за него“ се бара и на летните сцени во Сплит, Дубровник и престолнините во регионот. Очигледно, Гркот Зорба живее насекаде, но не и во Македонија. Тука само почива - на парцела број 17, алеја 3, гроб број 23, на гробиштата Бутел во Скопје. Ако се имаат предвид затегнатите политички односи на релација Атина-Скопје поради спорот за името, прашањето е зошто Македонија не ја користи приказната за Гркот Алексис Зорба, како заедничка нишка за отворање на културните коридори меѓу двете земји? Денес, ретко кој соговорник има одговор на ова прашање. Или креваат раменици или сметаат дека „во овој случај и културата е во сенка на меѓудржавната политика“. Сепак, се согласуваат дека тој може да биде нишка за продлабочување на контактите меѓу двете земји, бидејќи неговиот книжевен лик не генерира ниту национализам ниту политикантство.

Космополитска слика генерира и вистинскиот Зорба, младиот вдовец Јоргос (Георгиос) кој пролетта во 1922 година со возот од Солун пристигнал на железничка станица во Скопје, заедно со неговата 10-годишна ќерка Екатерина. Од тој ден, во следните две децении, негов „дом“ бил градскиот хотел „Ловец“, но не помалку и локалните кафеани, особено гостилницата „Маргер“, каде играл, пеел и пиел со пријателите. Последните денови од животот поминат во раководење со ископ на руда и шкрилец, ги поминал во бескрајно долги разговори и преписки со Казанѕакис, раскажувајќи му ја атмосферата во градот и сопствениот живот. Починал од срцев удар во 1941 година, неколку месеци откако неговата ќерка се омажила за богатиот трговец Јован Јада и само неколку дена откако Казанѕакис на хартија го запишал насловот на својот нов роман - Гркот Зорба. 

Nikos Kasantzakis, griechischer Schriftsteller
Славниот грчки писател, Никос Казанѕакис се инспирирал од приказната за вдовецот Јоргос кој живеел и починал во Скопје. Фотографија: picture-alliance/dpa

Ни на туристичка мапа

Во време кога во Скопје далечната и блиска историја масовно се излева во бронза и мермер, приказната за Зорба ја нема ни на хартија - не е на ниту една културна или туристичка мапа. Поради промена на урбанистичките планови, коските на Зорба во 1954 година се префрлени од старите гробишта под Водно на гробиштата во Бутел. Старател на семејната гробница, чија надгробна плоча е скромно обновена кон крајот на осумдесеттите, е блиска роднина на семејството на Зорба. Освен неа, другите тешко успеваат да ја најдат оваа парцела без помош од вработените во Бутел. Но дали ќе се најде и другиот пат - не само оној кој води до гробот, туку и оној кој води до сцената? Од Министерството за култура велат дека ги поддржуваат и ќе ги поддржуваат сите иницијативи кои се во функција на културно зближување на Република Македонија со соседите.

„Несомнено, постојат многу личности кои дале свој придонес во градењето на културниот идентитет на регионот, личности врз чии дела можат да се градат мостови за продлабочување на културните врски со земјите од нашето опкружување. Во овој контекст, да потсетиме дека композиторот Микис Теодоракис пред неколку години во МОБ, заедно со македонските уметници, го претстави своето музичко дело ’Гркот Зорба’. Министерството за култура и во иднина е подготвено за соработка и за реализација на различни проекти од културата кои се од заемен интерес и кои ќе овозможат претставување на македонски уметници и на грчки уметници во двете земји“, најавуваат од ресорот култура. 

Griechenland Mikis Theodorakis
Микис Теодоракис се прослави со музиката за „Гркот Зорба“, а во 1996 го посети неговиот гроб во СкопјеФотографија: picture-alliance/ANE

Но, дека гостувањето на Теодоракис не е „пред неколку години“, неодамна потсети и грчкиот весник „Етнос“, навраќајќи се на приказната дека гробот на Гркот Зорба е откриен преку новинарско истражување пред 17 години.

„’Го откривме гробот на Гркот Зорба во Скопје‘, напишаа тогаш (1996 година) грчките новинари откако со успех го завршија истражувањето во Солун, Скопје и Белград“, објави „Етнос“, додавајќи дека неколку седмици по откритието, композиторот Микис Теодоракис го посетил Скопје за да го претстави своето музичко дело „Зорба Гркот“ во Македонскиот народен театар во Скопје, на концерт, на кој присуствувал и тогашниот македонски претседател Киро Глирогов. Од тогаш до денес, на темата „Зорба“ не се случува ништо.

Книга за моќта на пријателството

Владимир Мартиновски, писател и вонреден професор на Филолошкиот факултет на УКИМ, вели дека приказната за Зорба би можела да биде еден од позитивните адути за проникнувањата меѓу културите на балканските народи.

„Уште во гимназија, кога ги читав романите на Казанѕакис, бев многу возбуден кога случајно дознав дека човекот кој бил прототип за ликот на Алексис Зорба живеел во Скопје. Можеби ќе звучи парадоксално, но сè уште не сум го посетил неговиот гроб и покрај симпатиите кон книжевниот лик. Но, пред десетина години бев на гробот на Казанѕакис на Крит, чиј епитаф гласи: 'Не се надевам на ништо, не се плашам од ништо. Јас сум слободен'. Неодамна ги возобновив читателските контакти со Казанѕакис преку филозофско-мистичната поема Salvatores Dei / Спасители на Бога, благодарение на одличниот превод на македонски јазик од страна на Томислав Османли. Далекусежноста на филозофско-поетските идеи, пласирани во оваа рана поема, во која се наоѓаат никулците на подоцнежните дела на овој автор (вклучувајќи го и романот Алексис Зорба), засегаат голем број предизвици пред кој е исправен современиот човек, а особено темите на слободата, довербата во сопствените потенцијали и 'задачите' на човекот како духовно битие“.

Griechenland Filmszene Zorba
Ентони Квин и Алан Бејтс играат сиртаки во филмот „Гркот Зорба“Фотографија: picture-alliance/United Archives

Приказната за Зорба како историска личност и како книжевен лик, би можела да биде еден од позитивните примери и 'адути' за проникнувањата меѓу културите на балканските народи, но не како нов 'мит' туку како потстрек за барање на конструктивни решенија. Романот на Казанѕакис би можел да се чита, меѓу другото, и како книга за моќта на пријателството и за отвореноста кон различните светогледи меѓу ликовите од романот“, вели Мартиновски.

Аманетот напишан

Казанѕакис почина во 1957 година далеку од родната земја, во Фрајбург, Германија, но неговите останки се погребани во родниот Крит. Тој не успеа да го види своето книжевно дело на големото филмско патно. Режисерот Михалис Какојанис, кој во својата кариера создаде многу фимови, никогаш не го повтори светскиот успех со филмот „Гркот Зорба“ од 1964 година. Филмот (на насловната фотографија е прикажана сцена од филмот) кој се закити со три „Оскари“, имаше славна актерска екипа - Ентони Квин, Алан Вејтс, Ирена Папас, Лила Кедрова...Музиката за филмот, дело на најпознатиот грчки композитор, Микис Теодоракис, стана втора грчка „химна“, а популарното сиртаки продолжи да живее и преку адаптација за балетската претстава „Гркот Зорба", која премиерно е изведена во 1988 година, во Арената во Верона. Оттогаш е претставена пред повеќе од 3 милиони гледачи во 30 земји од светот, а во една прилика одеднаш собрала дури и 120.000 публика на отворениот стадион во Рио де Женеиро. „Гркот Зорба“ и натаму има публика. Но, никогаш не бил истовремено пред македонската и грчката, иако неговата реплика во славното дело јасно зборува за неговиот став по тоа некогаш, но и сега актуелно прашање: „Едно време ги делев луѓето на Бугари, Турци, Македонци и Грци, сега ги делам на добри и лоши. А еден ден и тоа нема да го правам, затоа што сите заминуваме во една иста почва...“

Се чини дека и тој и неговиот книжевен татко, во аманет на Скопје и Атина, и не само ним, им оставиле и повеќе од „увертира“ за следните чекори. Дали ќе ја искористат?