Граѓанските патроли се евтин популизам
4 јануари 2019Четворица мажи со црвени елеци каскаат на ситниот дожд. „Ниту дождлив ден не нѐ спречува“, пишува десноекстремната НПД (Националдемократска Партија на Германија) на својата Фејсбук-страница под сликата. Таа сака создавање на „заштитени зони“ во гратчето Амберг на истокот на Баварија, каде на крајот на декември баратели на азил тепаа минувачи. Затоа се зборува за „десничарски граѓански патроли“. Какво претерување! Цел за 2019 година: малку помало возбудување!
Кога ги гледам сликите на четворицата десноекстремни мажи, кај мене повеќе се јавува жалење отколку загриженост за нашата правна држава. Едниот е постар од 70 години, друг од стомакот не може да си го закопча елекот. Ако навистина си играат граѓанска патрола и контролираат лични документи или се однесуваат на друг непристоен начин, тогаш граѓаните на Амберг знаат како да повикаат полиција.
Полиција, обвинителство, судии
Исто како на 29 декември, кога Полицискиот инспекторат Амберг непосредно пред 19 часот доби повеќе повици. Полицајците поитаа кон железничката станица, каде четворица млади мажи нападнале минувачи и ги повредиле. Четворицата баратели на азил од Иран и Авганистан избегаа. Два часа подоцна веќе беа уапсени.
Нападнале дванаесет лица, без да бираат кого, без да има причина за нападот. Тоа е злобно, безобразно, ниско. Но, за жал, не е ништо ново млади мажи - сеедно дали по потекло од Сирија или од Шлезвиг Холштајн - да се напијат прекумерно и потоа да станат насилни. Фала му на бога, живееме во правна држава, во која вакви идиоти брзо се апсат, против нив се покренува обвинение и се изнесуваат пред суд.
Квоти од соништата во источна Баварија
Криминалните баратели на азил не само што завршуваат во затвор, туку може да бидат и протерани. Оној кој ужива заштита како бегалец, може да биде протеран од Германија доколку биде осуден. Но, не се протерува никој кому во неговата татковина му се заканува смрт или измачување. Тоа би требало да му е разбирливо само по себе секому кој се чувствува припадник на Оксидентот или христијанството.
Значи, молам брза постапка и брзо изрекување казна за четворицата тепачи! И, помалку возбуда околу Амберг. Ова гратче има 42.000 жители и 877 невработени. Во 2017 година полицијата избројала 108 „криминални дела со насилство“. Тоа се бројки за кои на друга места можат само да сонуваат.
Амберг или Акапулко?
Во наредните денови на четворицата типови со елеци веројатно ќе им се придружат загрижени граѓани од блиску и далеку. Тие ќе сакаат да нѐ убедат дека Амберг е слично опасен како Акапулко или Тихуана, дека државата потфрла. Тоа е бесмислица. Сѐ додека загрижените граѓани се мирни, можат радо да демонстрираат, со елеци или без нив. Тоа е нивно право. Тоа е правна држава.