Граѓаните маршираа против амнестијата на Иванов
Илјадници граѓани на улиците на Скопје протестираа против одлуката на претседателот Иванов да помилува 56 лица обвинети за различни кривични дела. Запалена канцеларијата на Иванов - судири со полицијата и апсења.
Оставка!
Револтираните демонстранти бараа оставка од Иванов поради неговата одлука за општ прекин на сите постапки против политичари и нивни соработници поврзани со прислушувањето и политичката криза. Настрада неговата канцеларија во центарот на Скопје.
Пробиен полицискиот кордон
Од канцеларијата на Иванов демонстрантите се упатија пред Собранието, откако патем го пробија полицискиот кордон. Една група се обиде оттаму да продолжи кон седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, но беше спречена од полицијата.
„Кого штитите?“
Револтирани граѓани бараа од полицијата објаснување „кого штити?“ Во текот на целиот протест полицијата и демонстрантите постојано се надмудруваа - едните менуваа локација, другите веднаш ги разместуваа полициските ресурси.
Казна за продавање коприви, амнестија за криминалци
„До вчера казнуваа луѓе што на диво продавале коприви за да можат да си купат парче леб, а сега ќе амнестираат некого за толкави криминали. Не може така“, изјави 62-годишниот Стојан Лазаревски за ДВ.
Назад пред Канцеларијата на Иванов
Откако не успеаја да го пробијат кордонот пред Собранието, група демонстранти повторно се вратија пред Канцеларијата на Иванов. Учесници во протестот извадија дел од мебелот и го запалија среде улица.
Полицијата апси
Полицијата овојпат одговори со употреба на сила. Според информациите, уапсени биле 13 лица, а десетици биле повредени. Очевидци на теренот велат дека полицијата не пребирала и удирала по сѐ што ќе ѝ се нашло на патот.
Приведен и Бранимир Јовановиќ
Економскиот аналитичар и член на Левица, Бранимир Јовановиќ, е меѓу приведените од полицијата. Нема официјална информација која е причината за неговото апсење. Фоторепортерите на теренот преку социјалните мрежи јавија дека полицијата брутално се пресметувала со сите.
Денеска нови протести
Преку социјалните мрежи веќе се најавуваат нови протести. #Протестирам и други граѓанските здруженија велат дека нема да запрат додека Иванов не поднесе оставка од функцијата. ЕУ и САД веќе изразија загриженост за безбедносната состојба во земјата.
Најмалку 13 лица биле повредени во синоќешните протести во Скопје, а повреден е и еден новинар кој бил удрен од полицаец. Протестите кои започнаа во 18 часот главно беа концентрирани на центарот на градот. Незадоволството од одлуката на Иванов, граѓаните го изразија врз неговата Канцеларија која беше комплетно демолирана. Настрада и зградата на Министерството за правда.