Грандиозна џамија во Истанбул - рефлексија на личноста на Ердоган
30 август 2013Највисокиот рид во истанбулската населба Камлика, во азискиот дел од градот, е омилен видиковец од кој човек може да се восхитува на метрополата. Во симболите на градот спаѓаат пред сѐ минарињата на историските џамии од времето на Османлиската империја. Но, во иднина сите погледи би можеле да бидат насочени кон овој рид во Камлика. Тука треба да се изгради огромна џамија, која „ќе се гледа од целиот Истанбул“, најави турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган. На контроверзната градба се работи од март месец. Според турскиот весник „Тудејс заман“ парцелата има рекордна големина од 15.000 квадратни метри - површина колку неколку фудбалски терени. Трошоците за изградба се проценуваат на 43 милиони евра. Во џамијата треба да има место за околу 30.000 луѓе.
„Проектот е многу изискувачки во однос на неговата големина. Ќе изградиме уште поголема купола од тие што ги правеле нашите предци“, го цитираше весникот „Хуриет“ Мехмет Гунер, главниот архитект на џамијата, назначен од страна на Ердоган. „Џамијата ќе ги има највисоките минариња на светот. Тие ќе ги надминат 105-метарските минариња на џамијата Медина-и Мунавара во Медина, Саудиска Арабија“, додаде Гунер.
„Ердоган се обидува да им конкурира на султаните“
Противниците на мега-џамијата го критикуваат целото пранирање на проектот.
„Ердоган самиот одлучи дека во Камлика ќе се изгради. Вообичаено се повикуваат урбанисти, здруженија на архитекти и универзитети за на крајот да се постигнат најдобри резултати“, објаснува за Дојче веле Огуз Озтузчу, поранешен претседател на независниото Здружение на архитекти во Истанбул. Жирито, кое го избра најдобриот архитектонски дизајн, беше составено од група вработени во владата, кои на проектот не му пристапија независно, критизира Озтузчу. „Сите одлуки беа однапред донесени - големината, градежниот стил и местото. Тоа не е вистински натпревар“, додава тој.
Освен тоа, новиот градежен објект ќе биде уметничка копија на Сината џамија (на насловната фотографија, н.з.) - еден од светски познатите симболи на Истанбул, додава Озтузчу. „Ердоган со тоа се обидува да им конкурира на султаните. Не се копираат симболи - со тоа се деградира оригиналот“, предупредува Озтузчу. Со денешните технички можности не е тешко да се надмине некоја градежна уметност стара 400 години, смета тој и додава: „Во денешно време не можете да се споредувате со некој каменорезец“. „За жал оваа огромна џамија ќе биде симбол на игнорирање, а не на знаење и мудрост“, додава Озтузчу.
Според мислењето на Ергин Кулунк, претседателот на Здружението за градба и одржување на џамии, згради и културни центри во Истанбул, сепак градбата на новата џамија е неопходност.
„На азиската страна недостасува џамија со таква големина, која би можела да ги собере верниците“, смета Кулунк. Тој ги отфрла обвинувањата дека новата џамија ќе биде копија на светски познатата Сина џамија. „Ние сакаме да изградиме класична џамија со купола, а кога се гради на тој начин неизбежно е таа да биде слична на Сината џамија, Аја Софија или, пак, на Сулејмановата џамија“, изјави Кулунк за весникот „Хуриет“.
Симбол на религиозна Турција?
Противниците на џамијата во градежниот проект гледаат пред сѐ политичко значење. Таа се прави со цел „да ја симболизира ерата на АКП (конзервативната муслиманска партија на Ердоган, н.з.)“, изјави во интервју за „Хуриет“ Ердоган Бајрактар, министер за животна средина и урбан развој. Архитектот Озтизчу смета дека ова е чекор кон засилен исламизам во Турција.
Партијата на Ердоган сака да инвестира во видливоста на исламот во Истанбул, смета Месут Јеген, социолог на Универзитетот Шехир во Истанбул. „Но, јас не мислам дека новата џамија е знак за тоа дека цела Турција заостанува или, пак, станува порелигиозна. Градбата ќе ја отсликува личноста на Ердоган - а, таа е авторитарна“, нагласува Јеген за Дојче веле.
Ердоган сака да остави зад себе архитектонски споменик, кој ќе го надживее времето на неговото владеење.