Грандиозен пречек на германските светски фудбалски прваци во Берлин
Германската победничка екипа во Берлин беше пречекана од над половина милион навивачи. Пред Бранденбуршката порта беше прославена првата светска титула по 1990 година.
Во радосно исчекување
Безбројни фудбалски фанови се собраа уште во раните утрински часови во Берлин за да го дочекаат доаѓањето на екипата-светски првак. Полицијата очекуваше огромен број луѓе. Уште од 06:00 утрото беше блокирана делницата од 1,2 километри меѓу Бранденбуршката порта и Столбот на победата.
Малер на почетокот
Пристигнувањето на германскиот тим всушност се очекуваше во 09:00 часот. Но, поради еден малер, едно возило со багаж на аеродром удрило во авионот при товарењето на куферите и предизвикало гребнатини, па летот од Рио де Жанеиро стартуваше со два часа доцнење. Пилотот на авионот најави дека „ќе лета со најголема можна брзина“ за да го надомести доцнењето.
Поздрав од навивачите
Кратко пред 10:00 часот „Авионот на победниците“ на само неколку стотици метри височина го надлета просторот на кој беа собрани навивачите, кои му отпоздравуваа на авионот. Германскиот тренер Јоахим Лев синоќа даде изјава која ја „присвоија“ илјадници навивачи: „Јас сум повеќе од заљубен во овој тим. Тоа е една длабока љубов“.
„Орлите“ слетаа
Летот од Рио де Жанеиро до Берлин траеше околу 11 часа. По слетувањето на аеродромот тегел, прв од авионот излезе капитенот на фудбалската репрезентација Филип Лам со големиот златен трофеј. Него го следеа Бастијан Швајнштајгер (завиен во германско знаме), Томас Милер и останатите играчи. Тие веднаш ги дадоа првите интервјуа, со чујно возбудени гласови.
Зад затемнети стакла низ Берлин
Потоа екипата, која италијанскиот весник „Ла газета дело спорт“ по победата на Светското првенство ја нарече „вистински Бразилци“, се качи во автобус. Следени од одушевените извици на стотици фудбалски фанови, кои од утрото стрпливо чекаа на аеродродмот, автобусот се упати кон Бранденбуршката порта.
Патување во отворен автобус
Од влезот во Берлин светските прваци го продолжија патувањето во отворено возило. Играчите сега се појавија со црни дресови со голема единица на предната страна. Од звучниците ечеше музичкиот хит „Една ѕвезда која го носи твоето име“, а конечно тимот можеше официјално да ја носи на своите дресови четвртата ѕвезда.
Конечно на целта!
На патот од аеродромот кон Бранденбуршката порта, автобусот се движеше со темпо на полжав. Кратко пред 13:00 часот, два и пол часа по слетувањето, возилото беше на целта - конечно. Играчите, тренерот и помошниците слегоа од звтобусот, даваа автограми и се качија на бината за да слават со своите навивачи.
„Сите сме светски прваци“
Се чини дека половина Германија се чувствува како светски првак. Многумина фанови самите си направиле свој трофеј, дури и во огромни димензии. Оригиналниот трофеј, патем, по доделувањето на стадионот Маракана во Рио де Жанеиро, повторно беше однесен во Цирих, во седиштето на ФИФА. Филип Лам и неговите соиграчи имаат негова копија.