Градот убав...
На малку повеќе од еден месец пред годишнината од катастрофалниот земјотрес Скопје доби уште едно урбано катче во сутеренот на Градскиот трговски центар. Графити и мурали сега го красат подземниот премин
Прва галерија на отворено
Иницијатива за проектот е на архитектот Филип Конески, а во нејзината реализација учествуваа и Младинскиот културен центар и Градот Скопје. Сместена е во сутеренот на ГТЦ спроти автобуската постојка.
Уметници
Во реализацијата на проектот учествувале дваесетина уметници: Антонио Илиевски, Блаже Атанасков, Давор Кешкец, Драган Китановски, Ермал Мусовиќ, Васил Димовски, Цветан Неделковски, Ирина Цоневска, Иван Петрушевски, Марјан Димиќ, Миро Грчев, Младен Трендевски, Сали Ертунч, Сања Симоска, Селмир Алими, Зоки Мише, Трајче Павлов, Владимир Милиќ, Воскресија Андреевска и Филип Конески.
Мотиви
Најголем дел од уметниците најдоа инспирација во урбани мотиви карактеристични за Скопје, иако има мурали и со апстрактни содржини.
Шанса за домашните уметници
Според одговорните, целта на галеријата е да се даде простор на домашните автори да реализираат дело посветено на Скопје, кое оваа година одбележува 55 години од обновата по катастрофалниот земјотрес од 1963-та година.
Уметност и функционалност
Дополнително, галеријата на отворено му дава и дополнителна функција на архитектонскиот простор, кој е еден од најзначајните објекти од современо Скопје.
Скопје сонува
Во Скопје цртањето графити е забрането со закон, па оваа иницијатива им дојде како добра можност на уметниците да споделат дел од својата инспирација.
55 години од земјотресот
Еден од муралите го одбележува точното време на катастрофалниот земјотрес од 1963 година: 5:17 часот. Во скопскиот земјотрес загинаа повеќе од илјада луѓе, а поголемиот дел од градот беше целосно уништен.
Модерна метропола?
Скопје беше обновено, но никогаш не успеа да израсне во современа метропола со сите атрибути. Идеите на архитектот Кензо Танге беа само делумно реализирани, а со почетокот на транзицијата започна и систематското уништување на урбаниот дух на градот кое кулминираше со проектот „Скопје 2014“.
Зборува Скопје
Градските власти деновиве организираат серија настани по повод одбележувањето на годишнината од земјотресот. На зградата на Старата железничка станица беше вратена пораката на Јосип Броз Тито, а паралелно деновиве ќе се одржуваат и серија изложби, концерти, поетско читање и крводарителска акција.