1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мерко: Нема шанса да потпалат - па да градат

Даниела Трпчевска-Зафировска
28 април 2021

„Нема шанса да потпалат- па да градат. Нема да го дозволиме тоа“, тврди градоначалникот на Струга. Инспектори излегоа на терен кај Калишта каде со денови масовно се потпалува крајбрежјето, се чекаат пријави за случајот.

https://p.dw.com/p/3sevs
Nordmazedonien Struga - Brennendes Schilf am Ufer des Ohridsees
Фотографија: Daniela Trpcevska Zafirovska/DW

„Нема да никне ниту една градба на струшкото крајбрежје каде што се потпалуваат трски“, дециден е струшкиот градоначалник Рамиз Мерко, кој во изјава за ДВ ги осудува последните масовни опожарувања на крајбрежјето во близина на Калишта. Тој ја повикува полицијата да помогне да се сочува струшкото крајбрежје, а свој придонес кон тоа, вели Мерко треба да дадат и самите граѓани.

„Тие треба да бидат еден вид на редари, чувари на крајбрежјето и штом ќе забележат некоја ваква активност веднаш да ги алармираат надлежните. Сите мора да се грижиме и да ја сочуваме нашата Струга“, вели Мерко. 

-повеќе на темата: Шамар од УНЕСКО поради негрижата за Охридското Езеро 

Ваквите апели на струшкиот градоначалник доаѓаат по серија пожари на потегот од плажите „Версус“, „Аквариус“ и ресторанот „Аполонија“, во насока кон селото Калишта. Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) заедно со инспектори од Одделението за внатрешни работи во Струга извршија надзор на опожареното земјиште во должина од околу 450 метри и ширина од околу 50 метри. Настанот, како што посочуваат од ДИЖС, се случил и покрај предупредувањата до сопствениците на земјиште што граничи со пешачката патека, дека тие ќе бидат казнети доколку палат трска на државно земјиште. По надзорот, инспекторите на Одделението за внатрешни работи ќе спроведат истрага за откривање на сторителот, против кого најавија кривична пријава. 

Nordmazedonien Struga - Brennendes Schilf am Ufer des Ohridsees
Крајбрежјето на Охридското езеро кај СтругаФотографија: Daniela Trpcevska Zafirovska/DW

Сезона на палење трска

Пред неколку дена густ чад повторно почна да се издига на струшкото крајбрежје, што ја навести „сезоната на палење трска“. На социјалните мрежи се споделуваат видеа, граѓаните револтирани коментираат дека се подготвува најверојатно теренот за изградба на некој нов објект, и дека на крајбрежјето повторно му се заканува бетонизација.

-повеќе на темата: Георгиевски: На Охрид не му треба нов објект покрај езерото, но не може да се поништи одобрението за „Парк“

Станува збор за проблем кој се провлекува повеќе години наназад. Екологистите повеќепати предупредуваа дека со палење на трската се подготвува терен за узурпација на крајбрежјето на езерото преку нови градби. Биолозите, пак, алармираа дека уништувањето на трската значи и опасност за целокупниот биодиверзитет во езерото. 

Осуда

„Ги осудувам тие што намерно палат, затоа што палењето на секој оган е забранет и казнив, но јас како татко на градот не можам да го чувам тој предел. Со тоа треба да се занимава полицијата и да ставиме редари кои што ќе го чуваат тој потег. Па и народот треба да го чува, секој што ќе види да пријави“, вели градоначалникот Мерко. Тој вели дека не се пали трската во езерото, туку таа на крајбрежјето и тоа најчесто од сопствениците на приватни имоти, коишто го чистат просторот. 

Nordmazedonien Struga - Brennendes Schilf am Ufer des Ohridsees
Изгорени трски на охридското крајбрежје. фото Државен инспекторат за животна срединаФотографија: Daniela Trpcevska Zafirovska/DW

-повеќе на темата: Одговорноста на депонија: Како Струга има 53 други

„Направивме патека до Калишта, за пешаци и велосипедисти, но палењето на трските остава лош белег на сите наши активности. Но, отворено ви кажувам, нема тука да никне никаква градба. Ние ги следиме сите активности, нема шанса да потпалат - па да градат. Тоа е само шпекулација“, дециден е Мерко. 

Палењето на трската се случува во период кога Охрид и Струга се наоѓаат под засилен мониторинг на УНЕСКО поради недоволна грижа и прекумерна урбанизација за крајбрежјето. УНЕСКО како организацијата на Обединетите нации за заштита на светското културно наследство пред неколку месеци препорача Охридскиот регион да биде ставен на листата на загрозено светско наследство. Тие побараа да се процени влијанието на нелегалните градби во заштитеното охридско подрачје, да се прогласи мораториум на градбите и да се отстранат оние што претставуваат опасност. 

„На Струга дуќан да имам“ испеана од германски хор