Горан Грујевски лично препорача реформи во судство
28 јули 2017Неправосилноста на решенијата за притвор донесени од Апелацискиот суд, дополнителното време за жалбена постапка пред Врховниот суд, и бавното патување на налозите запритвор од судот до МВР, наидоа на жестоки критики, откако единствениот резултат од судските одлуки се двајца обвинети во бегство. По ваквиот епилог, второстепениот и највисокиот суд се изложени на критики.
„Обвинетите со нивното бегство им удрија тешка шлакница на судовите. Токму правните преседани кои индицираа одреден 'патронажен однос' кон обвинетите, сега на судовите им се враќаат како бумеранг и уште повеќе ја акцентираат нужноста од реформи. Со еден збор - судовите си дадоа автогол и се изложија на дополнителни критики за противправно постапување“, коментираат судски извори.
Поранешниот претседател на Врховниот суд, Дане Илиев и поранешната судијка во истиот суд, Вера Коцо, децидно изјавуваат дека Апелацискиот суд погрешил кога одлучил дека мерката притвор ќе биде реализирана откако решението ќе биде правосилно. Поради ова, експертската јавност се погласно бара да се испита постапувањето на судиите.
Дерогирање на правниот систем
За што се работи: за неажурност на судовите, за правни преседани или за смислена тактика во корист на обвинетите? Владејачката СДСМ обвинува дека сите дефекти се собрани на едно место.
„Неажурноста, скандалозното и противправно одложување на притворите до правосилноста на решенијата за притвор и други преседани во работата на судовите, особено по предметите на СЈО, им овозможија на лицата Горан Грујевски и Никола Бошковски обвинети за тешки кривични дела, да избегнат соочување со правдата. Наместо да се борат против криминалот, судските органи, пред се, Апелацискиот и Врховниот суд, се ставија во директна заштита на криминалот и криминалците“, реагираше пратеникот на СДСМ, Петре Шилегов.
Како што рече, таквото работење само ги потврдило тврдењата на СДСМ дека дел од судството работи под партиска контрола и за заштита на криминалците.
„Ваквото дерогирање на правниот систем од страна на 'сваровски судството', комплетно ја урниса довербата на граѓаните во правосудството и го отвора прашањето за одговорноста на повисоките судски органи. Нема да дозволиме ваквото срамно и криминално постапување на судовите да остане неказнето. Смисленото бегство на Грујевски и Бошковски е доказ за нивниот страв од соочување со правдата и ги потврдува основаните сомненија за нивната вмешаност во делата за кои се товарат. Со недостапноста на обвинетите се потврди оправданоста на донесената мерка притвор“, потенцираше Шилегов.
Барањата на СЈО со минимална проодност
Пехот со единствените две мерки притвор за капиталниот предмет на СЈО - „Таргет и Тврдина“, повторно ја вратија на сцена статистиката која открива чудни аршини во работење на судството. Ако се анализираат податоците од минатата година, по барањата на Основното јавно обвинителство за одредување на мерката притвор судот позитивно одговорил во речиси 98 отсто случаи, а само во 5 отсто кога тоа го побарало СЈО. Тој процент година се намалува ако се има предвид дека СЈО на 30 јуни подигна 17 обвиненија за 18 предмети, против 94 физички и 7 правни лица и побара притвор за 18 лица. Судот определи притвор само за двајца. И претходните барања за притвор од СЈО главно не беа прифатени од Кривичниот суд, а и оние ретките беа укинати. Лани судот одреди притвор единствено за градоначалникот на Битола, Владимир Талески, обвинет во предметот „Транспортер“, при што мерката беше заменета со куќен притвор. По приведувањето на осомничениот градоначалник на Пустец, Едмонд Темелко, судот процени дека не треба да се одреди мерка притвор, туку негово редовно јавување во суд. На Горан Грујевски како осомничен во „Тврдина“, судот лани му изрече мерка притвор, но по жалбата Кривичниот совет ја укина и ја замени со куќен притвор. Со одлуката за аболиција донесена од претседателот Иванов, по неколку дена се укина и куќниот притвор. Судот годинава го прифати барањето за притвор на Сеад Кочан, осомничен во предметот „Труст“, но тој притвор го укина Врховниот суд по Барањето за заштита на законоста доставено од Јавниот обвинител на РМ, Марко Зврлевски, кој, пак, не е надлежен за случаи на СЈО. И покрај тоа притворот за Кочан беше укинат, дури и покрај фактот дека не беше достапен за полицијата два месеца. Одбраната на Кочан тврдеше дека неговото отсуство на може да се третира како бегство, бидејќи заминал на службен пат пред да му биде изречена мерката притвор.
Притвор само за граѓани од „низок профил“
И додека за правдата стануваат недостапни лица за кои постојат голем број докази за неопходноста од мерката притвор, само заради тоа што се лица од „висок политички или раководен профил“, во притвор заминуваат граѓани од „низок профил“, без општествена моќ и влијание, а најчесто - неосновано. Невладината организација „Транспарентност Интернешнел-Македонија“ во 2013 година истражуваше колку такви случаи имало во Македонија, колку платила државата како оштета и колку луѓе биле спроведени во притвор без законска основа. Според бројките доставени од Кривичниот суд до кои организацијата дошла преку правото на слободен пристап до информации, во 2010, 2011, 2012 и 2013 година, вкупно 97 граѓани биле неосновано притворени или осудени. Државата за тие случаи за оштети платила речиси 4 милиони евра. Но, овие податоци не ја претставуваат реалната состојба за бројот на граѓани кои се неосновано лишени од слобода во тој период, бидејќи се работи само за оние кои решиле да тужат во Судот за човекови права во Стразбур. Најголем дел од овие случаи кои државата ги загубила во Стразбур се однесуваат на незаконски и неосновано притворени лица, а имало и десетина случаи на незаконски осудени. Бројката на неосновано притворени се зголемувала и во наредните години. Според истражувањето на невладината организација „Сведок“, „Неосновано притворени - правни и буџетски импликации“, во периодот од 2011-2015 година имало 138 неосновано притворени лица со вкупен број од 10.316 притворенички денови.
Како посебен случај во судската практика останува забележен предметот „Калдрма“, во кој вработени на македонските патарини беа осомничени дека со лажни фискални сметки ги присвојувале парите од наплатата на патарините. Судот за една вечер им изрече мерка притвор на 86 лица осомничени во овој случај, без оглед на обемноста на материјалот доставен од ОЈО.