1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Големиот настап на Владимир Путин

18 октомври 2011

Владимир Путин на сите три руски државни канали се презентираше како гарант на стабилноста во земјата, без да вети нешто конкретно. Ветувања и не му се потребни - тој знае дека зад себе има мнозинство.

https://p.dw.com/p/12u2P
Владимир ПутинФотографија: AP

Беше наголемо најавуван, но настапот не беше голем. Веќе по 30 минути мина се‘ - рускиот премиер и свежо промовираниот претседателски кандидат Владимир Путин во телевизиското интервју со главните уредници, што го емитуваа сите три руски државни канали, делуваше од пристојно до скромно. Путин се презентираше како гарант на мирот и стабилноста во Русија, без да вети нешто конкретно. Човек кому не му е потребно да дава ветувања, зашто знае дека зад себе го има мнозинството Руси.

Инсценирање согласно потребите

Владимир Путин се претстави како помирлива личност, воопшто неопседната со власт. Тој знае колку е спорен неговиот план да се врати во Кремљ. Затоа нагласува дека Русија е исправена се‘ уште пред големи предизвици. И, тој е единствениот што може да се справи со нив:

„Мора да ги зајакнеме нашиот политички систем и демократските институции. И, мора да создадеме модерни услови за постојан развој и обновување на нашата економија.“

Flash-Galerie Russland Putin Selbstdarstellung Sibirien
Се презентира според потребитеФотографија: AP

Опозицијата и реформаторите речиси и немаат шанси. Државната телевизија го инсценира онака како што му одговара - некогаш како силен човек, омилен кај народот, или како државник кој се служи и со помирливи тонови.

„Сакаме и натаму да водиме одмерена политика за доброто на нашата земја. Тоа значи и негување пријателски и добрососедски односи со сите наши странски партнери“, рече Путин.

По интервјуто едно е јасно - нов курс од овој претседателски кандидат не треба да се очекува.

Прилогот можете да го погледнете и како Видео на денот!

Автор: Маркус Реер / Е.М.Фиданоска

Редактор: Жана Ацеска