Голема коалиција: Каде ќе се кршат копјата?
28 ноември 2017Терминот е веќе договорен. Во четвртокот во 20 часот, канцеларката Ангела Меркел, лидерот на ЦСУ, Хорст Зехофер и лидерот на СПД, Мартин Шулц, ќе се сретнат со претседателот Франк-Валтер Штајнмаер во дворецот Белви. Претседателот не верува во нови избори и, по неуспехот на преговорите за таканаречена Јамајка-владина коалиција, инсистира на тоа партиите на Унијата и СПД, за доброто на земјата, да се обидат да формираат нова влада. Тоа би била втората таканаречена голема коалиција по ред, а третата од 2005 година.
Во основа, Унијата и СПД соработуваа релативно добро во минатото - барем подобро отколку што можеше да се очекува. За СПД, сепак, големата коалиција не се исплатеше. Со само 20,5 отсто на сојузните избори во септември таа го оствари својот најлош изборен резултат во историјата на Сојузна Република Германија. Лидерот на СПД, Шулц, извлече консеквенци од поразот уште во текот на изборната ноќ, со одење во опозиција.
Листата на барања долга- конфликти програмирани
Секогаш одново и решително СПД во неделите по изборите отфрлаше ново издание на големата коалиција, дури и откако не успеја разговорите за коалиција меѓу Унијата, Либералите и Зелените. „Ние не сме достапни", се велеше едногласно од СПД. Партијата сака да се обнови и да го изостри својот профил. Социјалните теми треба повторно да бидат во фокусот. Но, ѕидот се ниша. Тврдата позиција од изминатите неколку недели сигурно може да им помогне на Социјалдемократите. За новото издание на големата коалиција СПД би можела скапо да се продаде. Особено во социјалната политика, СПД ќе преговара тврдо и ќе биде подготвена само за мали или никакви компромиси.
СПД сака да го задржи Министерството за надворешни работи, во кое поранешниот лидер на партијата Зигмар Габриел видливо се чувствува добро и да го преземе Министерството за финансии. Јавната благајна е полна, и тоа не би требало толку бргу да се промени со оглед на економијата што цути. Атрактивни изгледи за идниот благајник на владата, особено затоа што спроведувањето на листата на барања на СПД би било многу скапо.
За Унијата, тоа најверојатно ќе бидат тешки и болни отстапки. Иако по изборните успеси на АфД , Меркел и Зехофер објавија дека сакаат да ја подобрат социјалната сигурност на граѓаните, сепак конзервативците не сакаат толку далеку како СДП. Ќе има отпор особено во областите на здравствената заштита и пензиите.
Консензус речиси и да не може да се препознае
СПД веќе со години бара спојување на државното и приватното здравствено осигурување во едно граѓанско осигурување. Тоа би требало подеднакво да се финансира од вработените и од работодавачите. На овој начин, „медицината од две класи" во Германија треба да се укине. Унијата досега одбиваше да го укине приватното здравствено осигурување, кое е отворено за вработени со високи приходи, самостојни претприемачи и државни службеници.
Во преговорите за коалиција, СПД веројатно на маса ќе ја стави својата даночна стратегија од изборната кампања. Според неа, додатокот за солидарност треба да биде укинат од 2020 година за граѓаните со пониски и средни приходи. За возврат, оние со високи примања и големи богатства ќе треба да бидат посилно оданочени. Унијата го отфрла тоа. Во исто време, таа инсистира на тоа дека и натаму не треба да се создаваат нови долгови. За врамнотежениот сојузен буџет нема преговарање. Тогаш од каде ќе доаѓаат потребните пари?
Кај темата пензии ЦДУ, ЦСУ и СПД, за волја на вистината, во иста мерка се заинтерсирани за стабилизација на пензискиот систем. Но тука завршуваат сличностите. Визиите за иднината на пензискиот систем на конзервативците и Социјалдемократите целосно се разликуваат.
Има и поклопувања на ставовите
Широка согласност меѓутоа преовладува во европската и во надворешната политика, дури и ако постојат разлики во однос на финансиско-политичките замисли на францускиот претседател Емануел Макрон. Имено постои јасно поклопување на ставовите во однос на странските ангажмани на Бундесверот, главните линии на надворешната политика и европската политика. И лидерот на СПД, Шулц, и министерот за надворешни работи, Зигмар Габриел, одржуваат блиски односи со Макрон.
Исто така, кај темата миграција и бегалци не треба да има несовладливи пречки меѓу Унијата и СПД. Имено, во меѓувреме, водечките социјалдемократи, исто така, говорат со поостар тон за политиката кон бегалците. Од друга страна од СПД предложениот нов закон за доселување пак, едвај наидува на отпор во Унијата.