1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Медиуми

Голема „борба за вистината“

Саша Бојиќ
23 март 2017

Германија подготвува нов закон против ширењето на омраза на интернет кој се фокусира на социјалните мрежи. Проблемот е во тоа што сопствениците на платформите ќе бидат принудени да ја преземат улогата на судија.

https://p.dw.com/p/2Zhq6
Symbolbild Internet in der Krise
Фотографија: picture-alliance/dpa/L. Schulze

Германскиот министер за правда Хајко Мас го претстави новиот нацрт закон против говорот на омраза и лажните вести на интернет. Тоа е дел од напорите кои последните две години германската влада ги вложува за да воспостави што е можно поголема контрола над содржините кои се објавуваат, пред сѐ на социјалните мрежи.

Нацрт законот се однесува на фирмите кои нудат „телемедиумски (електронски информациски и комуникациски услуги) и кои на интернет одржуваат платформи со цел да остварат профит, кои на корисниците им овозможуваат меѓусебно да разменуваат различни видови содржини или да ги стават на располагање на јавноста. Платформите со понуда која се уредува новинарски и редакциски, за кои се одговорни понудувачите на услугата, не важат како друштвени мрежи во смисла на овој закон“.

Deutschland Heiko Maas Justizminister
Хајко МасФотографија: picture-alliance/dpa/B. Pedersen

Веќе од оваа формулација станува јасно дека законот се однесува на социјалните мрежи како што се Фејсбук или Твитер, но и на програмите за комуникација како што е Ватсап. Формулацијата „или да ги стават на располагање на јавноста“, особено ја разводенува дефиницијата на платформите на кои се однесува законот, така што всушност ги вклучува и службите за електронска пошта (како што е на пример ГМХ), за видео комуникации и слично.

Казна до 5 милиони евра

Со нацрт законот се опфатени само комерцијалните платформи кои имаат повеќе од два милиона регистрирани корисници. Таквите платформи се должни да ги разгледуваат жалбите на корисниците за „говор на омраза“ или „криминал поттикнат од омраза“, кои вклучуваат вреѓање, клеветење или хушкање на народот, како и „лажни вести“, доколку тие се косат со кривичниот законик и претставуваат попречување на јавниот ред и мир, на пример, преку измислување на кривични дела.

Сопствениците на платформите се должни на жалбите да реагираат во рок од 24 часа и сами да одлучат дали спорната содржина е „очигледно противправна“. Доколку тоа не е сосема јасно, тој рок се продоложува до седум дена. По одлуката на сопствениците на платформата одредена содржина да се отстрани, за тоа мора да бидат известени и подносителот на жалбата и сопственикот на отстранетата содржина. На тој начин, како што е образложено во нацрт законот, мора да се гарантира дека корисникот, чија содржина била отстранета, може да преземе правни мерки доколку сака да докаже дека отстранувањето на неговата содржина било погрешно.

Освен тоа, платформите се обврзани „да ги отстранат сите копии од незаконските содржини кои биле објавени“, како и да „преземат ефективни мерки против повторно објавување на незаконските содржини“. За сопствениците на платформите кои нема да ги спроведат одредбите на новиот закон, предвидени се парични казни во висина до 5 милиони евра.

Цензура по слободна проценка

Јасно е дека не постои судска контрола пред отстранувањето на „сомнителните“ содржини. Тоа е прво на листата на недостатоци на овој нацрт закон: сопствениците на интернет платформите се принудени да ја преземат улогата на судија – и на некој начин да станат паралелно правосудство, кое меѓу другото, ќе работи под закана од високи парични казни. Логично е дека тоа ќе доведе до пракса на проактивно бришење на содржините, односно, до начелото во случај на двоумење: по правило да се донесе одлука во корист на бришење, односно на штета на слободата на изразување.

Infografik Percentage of social media hate speech deleted after user reports

Помал удар на слободата на изразување претставуваат „ефективните мерки“ кои се предвидени за спречување на повторно објавување на „незаконските содржини“. Големите платформи, во страв од реперкусии, веќе почнаа да ги спроведуваат таквите мерки со вградување на специјален софтвер кој на основа на некој вид „дигитален отпечаток“ можат да филтрираат и веднаш да ги избришат сомнителните содржини. Таквите филтри не се ништо поразлично од силни инструменти на цензура. Тие досега беа применувани за отстранување на содржини со детска порнографија, но и за содржини прогласени за недефинирана „терористичка пропаганда“

Посебен проблем претставува можноста на корисниците на платформите да го злоупотребат своето право да поднесат жалба и на тој начин да бидат отстранети содржини кои едноставно не им одговараат. Такви случаи веќе имаше во САД, каде Фејсбук, по жалба на полицијата, отстрануваше постови кои содржеа потенцијални докази за полициско насилство.

„Прв, мал чекор“

Можноста за жалба на корисниците чии содржини биле избришани - постои, но додека интернет платформата ја отстранила нивната содржина без учество на правосудните ограни, „цензурираните“ корисници за својата правда мораат да се борат преку нормалните судски патишта. Додека не докажат дека биле во право, мора да помине одреден рок – многу подолг од седум денa – што отвора можност нивниот пост, кога ќе се врати на платформата, веќе да не биде релевантен.

Доколку овој нацрт закон биде усвоен, интернет платформите ќе бидат претворени во истражители, судии и извршители на казните во доменот на слободното мислење. Освен тоа, тој би довел до ширење на опасниот механизам на автоцензура. За слободата на мислење може е најопасно тоа што владејачката ЦДУ овој нацрт закон го прогласи само за „прв, мал, чекор во добар правец“, ценејќи по коментарите на интернет страницата на пратеничката група на ЦДУ во Бундестагот.

Активни се и „контролорите на фактите“

Не треба да се заборави дека новиот закон би функционирал паралелно со „контролата на фактите“ на Фејсбук која е веќе воведена: првите „контролори на фактите“ на Фејсбук во Германија ќе бидат „истражувачките новинари“ на групата Коректив, која е регистрирана како друштво со ограничена одговорност и е формирана во јуни 2014, во екот на големиот пад на кредибилитетот на мејнстрим медиумите кои известуваа за настаните во Украина. Почетното финансирање изнесува три милиони евра - средства кои ги обезбеди фондацијата Брост од Есен која во средината на седумдесетите години ја основаше медиумската група ВАЦ – сегашна Функе.

Во останатите финансиери се Германската централа за политичко образование која работи со Министерството за внатрешни работи, како и уште некои помалку познати фондации. Групата Коректив има и свој „Совет за етика“, чиј претседавач до јуни 2016 беше Бодо Хомбах, претприемач, политичар, поранешен шеф на кабинетот на канцеларот и германски министер за посебни задачи за време на владеењето на Герхард Шредер. Тој беше и координатор на Пактот за стабилност за југоисточна Европа, а познат е и како директор на групацијата ВАЦ од 2002 до 2012 година.

Во „Советот за етика“ се наоѓаат и високо позиционирани уредници на Шпигел, Штерн и Цајт. Медиумскиот мејнстрим доби монопол над процената на вистината од која прво се заштити – себеси: Коректив соопшти дека нема да ја проценува вистинитоста на вестите на водечките медиумски куќи и етаблирани весници. По начелото: „Вистината – тоа сме ние“.