Голем скок на Зелените на европските избори во Германија
26 мај 2019Партиите кои ја сочинуваат големата коалиција во Берлин постигнаа историски лош резултат на европските избори. Првичните прогнози велат дека и Унијата и СПД бележат голем пад во споредба со европските избори во 2014 година.
Христијанско-демократската (ЦДУ) и Христијанско-социјалната унија (ЦСУ) освоиле 28 проценти од гласовите, или 7,4% помалку отколку на европските избори во 2014 година.
Социјалдемократската партија (СПД) има најголем минус во споредба со претходните европски избори и тоа од цели 11,8% - според првичните прогнози таа на овие избори освоила 15,5%.
Зелените, пак, овојпат имаат огромен плус од 11,3% гласови и сега ја имаат довербата на 22 проценти избирачи.
Деснопопулистичката Алтернатива за Германија (АфД) исто така има повеќе гласови отколку на претходните избори. Таа сега освоила 10,5 проценти, односно 3,4% повеќе во споредба со 2014.
Либералите (ФДП) и Левицата според прогнозите имаат освоено еднаков процент гласови - по 5,5 проценти, но во споредба со претходните европски избори либералите имаат 2,1% гласови повеќе, а Левицата 1,9% гласови помалку.
Останатите партии заедно 13 проценти од гласовите.
Според она што беше соопштено попладнево, одзивот на овие избори е повисок отколку на претходните.