1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудство

Малолетни невести продавани за 3.000 евра на Косово

ДТЗ
2 април 2022

Според податоците на полицијата, во изминатите пет години, идентификувани се 11 случаи на присилни бракови, од кои 10 се девојчиња на возраст од 15 до 17 години.

https://p.dw.com/p/498J9
Symbolbild Häusliche Gewalt
Фотографија: picture-alliance/dpa/M. Gambarini

Мира има 13 години. Полицијата ја пронајде во хотел - малтретирана, преплашена, тепана со поглед кој моли за одговор - има ли крај за кошмарот којшто го живее? Малолетното девојче, жртва на трговија со луѓе, кои насилно било втурнато во ланецот на сексуално насилство, по лекарските прегледи беше сместено на Клиниката за психијатрија. „Бев многу исплашена, не знаев зошто сум во таа болница со други болни деца, дали и јас сум болна?“, раскажува малата Мира (идентитетот е измислен), која во моментов се наоѓа во Центарот за жртви на трговија со луѓе. 

Ова е последната алка од нејзиниот тежок живот, каде била продавана, присилувана да прави, како шти самата вели „многу неубави работи“, ја малтретирале, мажеле за постари мажи, а сето тоа дебело го наплаќале на грбот на нејзината несреќа и тага. 

„Татко ми е со физички хендикеп, зема пари како помош од државата, а мајка ми питачи со мене и моите две сестри. Имам и тројца браќа. Храна купувавме со парите што ќе ги заработевме од питачењето, а понекогаш и браќата работеа физичка работа и помагаа дома. Бидејќи немавме пари, немав ни можност да одам во училиште, завршив второ одделение и го напуштив школото. Имав тешко детство“, вели ова 13-годишно девојче.

Сведочење

Нејзината голгота започнала кога татко и ја омажил во Косово за 3.000 евра. „Ме омажија за момче кое имаше 25 години. По два месеци татко ми и брат ми дојдоа и ме земаа со нив, кажаа дека многу им недостигам и се каат што ме омажиле толку далеку. Иако живеев со маж двојно постар од мене, сакав да останам со него -  барем не бев на улица питачејќи цел ден“, сведочи малолетната жртва. 

Но, за кратко време повторно ја омажиле - овојпат во едно мало село за 19-годишно момче. Таму и било многу полошо - тој и неговите родители постојано ја тепале, била принудувана да има сексуални односи со него и против нејзина волја, секојдневно чистела и готвела.

Demonstration gegen Gewalt an Frauen in Paris
Трговијата со деца е еден од најсериозните облици на кршење на детските права и слободи и остава трајни последици врз жртвите и нивниот натамошен психо-физички развој и социјализација. Фотографија: picture-alliance/AA/M. Yalcin

„По два месеци побегнав од таму и се вратив дома, за што сега многу се каам. По враќањето, мајка ми ме однесе во куќата на наш сосед, 50-годишен маж кој живееше сам, и ме остави таму. Слушнав кога му кажа дека може да прави што сака со мене, дека секогаш ќе бидам таму за него и зема пари од него. Спиев со него, не сакав, плачев и викав, но никој не ме слушна. Од тогаш тоа се случуваше секојдневно, тој ми се закануваше дека ако не одам кај него и не правам се што тој ќе ми каже ќе ме убие мене и моите браќа и сестри. И мојата мајка го правеше истото. Понекогаш доаѓаше и мојот најмал брат и му ја чистеше куќата, а за замена добиваше храна и облека“, раскажува 13-годишното девојче. 

Со додека еден ден повторно не била продадена на една жена, којашто ја однела во хотел. Нејзината голгота ќе продолжела, доколку нејзините браќа не се јавиле во полиција, која што го спасила девојчето во последен момент. 

„Не сакам да си одам од тука, немам кај да одам. Мојот татко ме присилуваше да имам сексуални односи со него, а мојата мајка знаеше за тоа и ми велеше дека јас заслужувам да бидам силувана. Никогаш не ме одбрани. Јас ги сакам, не сакам ништо лошо да им се случи, ама знам дека тоа не е во ред, тоа не треба така да биде“, ја споделила својата приказна малата Мира со вработените во Отворена порта - ла страда, коишто ги отвориле своите врати за помош и поддршка на оваа малолетна жртва на трговија со деца.

Програма за поддршка

Ова е само едно од сведочењата на штитеничките од Центарот за жртви на трговијата со луѓе и на сексуално насилство кое е дел од системот на социјална заштита  и овозможува привремено сместување и психо-социјална помош и поддршка, со цел рехабилитација и надминување на траумите и реинтеграција во средината. А процесот е долг и тежок ако се има предвид дека трговијата со деца е еден од најсериозните облици на кршење на детските права и слободи и остава трајни последици врз жртвите и нивниот натамошен психо-физички развој и социјализација. 

„Во текот на годините сме имале најразлични случаи, имало жртви кои успешно се реинтегрирале и постигнале позитивни резултати за што ние како организација се стремиме. Многу од нив го продолжија образовниот процес во насока на економско зајакнување на жртвата во иднина за полесно вклучување на пазарот на трудот што е од суштинско значење за нив. Меѓутоа, има и жртви кои за жал повторно се вовлекуваат во синџирот на трговија со луѓе“, вели Марија Тодоровска од Ла страда - Отворена порта за ДВ. 

Сличен случај полицијата обелодени и од почетокот на годинава, кога беа приведени родители коишто го продале и сексуално го злупотребувале своето малолетно дете. Првоосомничен е татко на шест деца, од кои три малолетни девојчиња, кој подолг временски период извршувал обљуба на една од своите малолетни ќерки. Мајката исто така го подведувала девојчето да врши полови дејствија за паричен намедосток од 2.000 денари, а понекогаш и за по 500 денари, ја принудувала да се соблекува и да има сексуални односи со мажи. Доколку детето одбиело, мајката употребувала физичка сила. Но, тука не прикинала голготата. И овој случај завршил со принуден брак во Косово - таткото ја продал ќерка си за 3.000 евра. 

За пет години - 11 жртви на трговија со деца 

Според податоците на полицијата, во изминатите пет години, идентификувани се 11 случаи на присилни бракови, од кои 10 се девојчиња на возраст од 15 до 17 години. 
„Oд аспект на кривичното дело „трговија со дете“, предвид ги имаме присилните детски бракови. Притоа, во досегашниот период како жртви на присилни детски бракови се идентификувани деца од сиромашни семејства, каде родителите се со ниско или без образование или потекнуваат од семејства со асоцијално поведение“, велат од Министерството за внатрешни работи. 

Ваквите случаи оперативно се откриваат од мобилните тимови или од страна на припадниците на Националната единица, како и по добиени пријави од граѓани, кои потоа по насоки од Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, кривично-правно се процесуираат, објаснуваат од МВР за Дојче веле.
Во однос на местото на експлоатација и потеклото на жртвите - најчесто станува збор за домашни жртви (8) и во два случаи за странски деца жртви експлоатирани во рамки на државата, а во два случаи домашна жртва е експлоатирана во странство (Белгија и Босна и Херцеговина).  

Полициската статистика покажува дека во : 
- 2016 година е идентификувано едно девојче домашна жртва на трговија до деца
- 2018 година - идентификувани се три девојчиња (две домашни и една странска жртва) кои се експлоатирани во земјата.
- 2019 година - идентификувани се три жртви од кои две деца се домашни жртви и едно е странска возрасна жртва, сите експлоатирани во рамки на земјата.
- 2021 - идентификувани се четири девојчиња, домашни жртви од кои две се експлоатирани во рамки на земјата,  додека две се експлоатирани во странство (Белгија и БиХ).  Жртвите биле продавани за суми од 700 до 2.000 евра.

Договорени бракови 

Најзастапена форма на жртви на трговија со луѓе е сексуалната експлатација, малолетничките или договорени бракови, питачење, домашно слугување и слугување на земјоделски имоти  итн. Најголем број идентификувани жртви се девојчиња на возраст од 11 до 17 години, најчесто Македонки, Албанки и Ромки. Жртвите се без никакви средства за егзистенција и со низок степен на образование: основно, средно и незавршено образование. Најчесто,  стануваат плен на синџирот на трговија со луѓе под  лажните ветувања дека ќе се венчаат во странство или дека ќе бидат легално вработени.

Стигмата на сексуалното насилство

Вообичаени причини за појава на трговија со деца се сиромаштија во семејството, нефункционални семејства, деца жртви на секаков вид насилство – семејно насилство; деца без родители; деца кои биле исклучени од образовниот процес; питачи, или деца кои даваат разни услуги на улица; или деца неинформирани за проблемот со продажбата на деца и трговијата со луѓе.

„Во однос на идентификацијата на потенцијални и жртви на трговија со луѓе една од формите е и малолетнички брак кој е застапен кај одредени етникуми во нашата земја под плаштот на  традиција во нивната средина. Сме имале многу случаи на малолетнички бракови кои за жал не завршуваат успешно“, велат од Отворена порта. 

Децата се користат за домашно слугување, за питачење, физички и психички се малтретирани  од страна на семејствата и нивните мажи кои во најчест случај се многу повозрасни од нив. Има и договорени бракови каде што детето воопшто не го познава својот иден сопруг, бракот го договараат родителите или блиски пријатели и сродници. Оваа форма самите жртви не ја препознаваат затоа што сметаат дека тоа е направено за нивна подобра иднина и подобар живот. Најчесто се откриваат од страна на соседи, пријатели кои ги имаат во близина и случајот го пријавуваат во полициска станица. По пронаоѓањето, децата се сместуваат во Центарот за жртви на трговија со луѓе, каде им се нуди можност за нивна рехабилитација, надминување на траумите и реинтеграција во средината.

Истражување

Според истражувањето спроведено од Отворена порта, во кое се анализирани личните досиеја на 168 жртви на трговија со луѓе, регистрирани за периодот од 2005 до 2020 година: 66% од овие жртви се малолетни, на возраст од 10 до 17 години, (24% се деца на возраст од 10 до 14 години, а 42% се на возраст од 14 до 17 години),  71 % од жртвите се од женски пол, а најчеста форма на експлоатација била сексуалната експлоатација и принудниот брак.

Studie Gewalt gegen Frauen in der EU
Децата се користат за домашно слугување, за питачење, физички и психички се малтретирани  од страна на семејствата и нивните мажи кои во најчест случај се многу повозрасни од нив. Фотографија: picture-alliance/dpa

Исто така, 71% од жртвите потекнуваат од дисфункционални семејства, кои се справуваат со следниве проблеми: семејно насилство, занемарување на децата, злоупотреба на супстанции или зависност од алкохол, ментална растројства, семејства со членови кои се криминални престапници, лош социјален и економски статус итн. Повеќето регрутери им биле познати на жртвите, односно 40% од жртвите биле регрутирани од членови на семејството или блиски роднини додека 35% биле регрутирани од пријатели.

И од детската амбасада Меѓаши во својот извештај за случаи коишто се пријавени на СОС бројот „Ало Бушавко", алармираа дека минатата година имало пријави за обид за трговија, грабнување со платен откуп за дете, неколку обиди за продавање на деца по претходен договор со родителите, при што се правени стратегии да се омажи детето и да се дадат пари на родителите. 

Прифатилиште за заштита

Во РС Македонија, за првпат во 2005 година, е отворено првото прифатилиште за заштита на жртвите од ТЛ од страна на Отворена порта, кое до 2011 година функционираше како самостоен центар за жртвите на трговијата со луѓе, поддржан од меѓународни донатори. Од 2011 година, прифатилиштето станува државен Центар за жртви на трговијата со луѓе под надлежност на МТСП, а раководено од страна на Отворена порта. 

-повеќе на темата: Секое трето дете во Македонија живее во сиромаштија

Програмата за директна помош и поддршка во прифатилиштето се состои од советодавна работа, индивидуална и групна терапија, едукативни и слободни активности и задоволување на основните потреби. Исто така, на корисничките им се обезбедува правна помош, психолошко советување, образование и обуки, медицинска и хуманитарна помош. 

Но, институциите се соочуваат со бројни предизвици во текот на работењето - од недоволно сместувачки капацитети за жртви на трговија со луѓе, чести промени на работните задачи во институциите во однос на тимовите за трговија со луѓе кои немаат поминато соодветни обуки за оваа проблематика, до постојана промена на старатели на децата – жртви на трговија со луѓе.

Вработените во прифатилиштата укажуваат дека клучен момент по напуштањето на установата е долгорочното планирање на процесот на реинтеграција. Отсуството на долгорочни програми за заштита на жртвите на трговија со луѓе, недоволниот број на сместувачки капацитети за домување во институциите, долгогодишното траење на судските процеси, не исплата на обесштетување и немање на достапни услуги и финансиски ресурси кои им би помогнале во реинтеграцијата се само дел од проблемите кои ги имаат штитеничките. Со тоа, како што укажуваат од прифатилиштата, само се зголемува можноста за нивно повторно навлегување во кругот на трговијата со луѓе.