Глобален пораст на емисијата на јаглероден диоксид
13 ноември 2017Глобалната емисија на јаглеродниот диоксид, кој е штетен за климата, според научна студија, оваа година бележи раст, иако претходните три години остана на стабилно ниво. За 2017. година се очекува пораст на глобалното испуштање на јаглероден диоксид во атмосферата од фосилни горива и од индустријата од околу два проценти, прогнозираат експертите од меѓународното истражувачко здружение Глобал карбон проект во својот годишен извештај, објавен на актуелната Светска конференција за климата во Бон. Тоа значи дека за државите, кои во моментов во Бон дискутираат околу практичната примена на Париската спогодба за климата од 2015. година, во чиј фокус е запирањето на глобалното затоплување, „не постои никаква причина за самозадоволство“, предупредуваат научниците.
Во изминатите пет години е регистриран пораст на обновливите енергии од 14 проценти на светско ниво, а постои тренд на намалување на емисијата од производството на енергија од јаглен. Но, истовремено значително расте емисијата на штетни гасови кои потекнуваат од согорувањето на нафта и гас, се констатира во студијата.
До крајот на 2017. година, експертите очекуваат глобалната емисија на ЦО2 да изнесува 41 гигатон. Оваа рекордна вредност и нејзината динамика би оневозможиле реализирање на целта - ограничување на глобалното затоплување под два степена во однос на прединдустриската ера, согласно на Париската спогодба. Емисијата на ЦО2 расте во Кина и Индија, за 3,5 односно 2 проценти, додека се намалува во САД и Европа за 0,4, односно 0,2, што е премалку за остварување на целта.