Глобал Медија Форумот со фокус на дезинформации и популизам
14 јуни 2021Овогодинешниот Глобал Медија Форум (ГМФ) поврзува професионалци и лица на раководни функции од светот под мотото „Пореметување и иновација”.
Четиринаесеттиот по ред настан кој се одржува денеска и утре (14 и 15 јуни), длабински ќе се осврне на новинарството во време на дезинформации и на прашањето дали може да се најде начин нештата да се вратат во правец на вистината и ажурноста на информациите.
По воведните зборови од интендантот на ДВ, Петер Лимбург, серија високо профилирани говорници го отворија ГМФ, меѓу кои и канцеларката Меркел, кандидатот за канцелар на демохристијаните, Армин Лашет и неговата конкурентка од Зелените, Аналена Бербок.
По нив ќе следат голем број етаблирани личности од граѓанското општество, културата и науката, вклучително и главната уредничка на Раплер Онлајн, Марија Реса, американскиот историчар Тимоти Снајдер, експертот за когнитивни науки, Стивен Пинкер, како и лауреатот на Нобеловата награда за мир, Лејма Гбови.
Незаузданата моќ на социјалните медиуми
Меѓу нив е и Бразилецот Фелипе Нето, чија борба против цензурата го направи во Бразил и пошироко предмет на смртни закани и кампањи за рушење на угледот, заради критиките врз претседателот Жаир Болсонаро.
„Кога се соочуваме со фашизам и фашисти, секој кој одлучува да молчи е соучесник во фашистичкиот режим“, вели Нето за ДВ.
„Според мене, многу е срамно тоа што уметници и инфлуенсери решаваат да молчат за режимот што владее со Бразил. Јас си го бранам својот став и сметам дека не може да молчиш кога имаш работа со некој како Болсонаро."
Со 17 милиони претплатници на Јутјуб и 41 милиони следбеници од цел свет, Нето од прва рака може да каже колкаво е влијанието на социјалните медиуми. „Ако те следат милион луѓе, милион луѓе може да бидат дезинформирани ако кажеш лага или прво нешто што ќе ти падне на памет без да истражуваш. Тоа е одговорноста која јас ја сфаќам многу сериозно“, вели тој.
Нигерискиот новинар и издавач на независниот онлајн-весник TheCable, Симон Колаволе се согласува дека големите платформи како Твитер и Фејсбук се меч со две острици кога е во прашање масовното информирање.
„Социјалните медиуми може да се користат за добро и за лошо. Големите платформи како Твитер и Фејсбук помогнаа многу за дистрибуција и пласирање прилози од професионални медиуми, но истовремено понудија и најмногу простор за да се собира толпа која си го искажува мислењето и се возбудува."
Меѓу панелистите на ГМФ се вклучени и лидери од социјалните медиуми како Џеспер Дауб, директорот на Фејсбук за партнерство за вести, како и Филип Јустус, потпретседателот на Гугл за Централна Европа.
Поголема безбедност за новинарите
Покрај влијанието на технологиите, како социјалните медиуми и можноста за следење на комуникациите, сѐ поголема загриженост во новинарството предизвикува загрозената лична безбедност на новинарите, не само од физички напади и малтретирање, туку и од кривично гонење.
Ајрин Кан, која ќе зборува за медиумските слободи, стравува за животот на новинарите, особено на жените. Како специјален известувач на ОН за промоција и заштита на правото на изразување, таа забележува загрижувачки тренд и се бори да го промени.
„Новинарите се потпираат на пристапот до извори кои се чувствуваат доволно безбедни да споделат информации за чувствителни теми. Премногу често новинарите трпат репресалии за нивната истражувачка работа и се приморувани да ги откријат изворите на информации кои потоа исто така се малтретирани, напаѓани и кривично гонети“, вели таа за ДВ.
Светски познатата турско-британска писателка Елиф Шафак исто така ќе зборува за нападите врз слободата на говорот и потребата од разновидни гласови во медиумите.
„Потекнувајќи од земја како Турција, многу добро знам дека зборовите може да бидат ‘тешки’ поради нешто што ќе кажете во интервју. Може да бидете и судени, демонизирани, нападнати или таргетирани на социјалните и традиционалните медиуми само поради нешто што ќе напишете во книга“, вели Шафак за ДВ.
„Живееме во свет кој не го слави ниту разбира диверзитетот, и постојано сме ограничени на поединечни идентитети – или соочени со закана на идентитетот. Сакам да може да славиме разноликост“, порачува таа.
Потребна е конкретна законска регулатива за јавните сервиси
Овогодинешниот Глобален медиумски форум исто така ќе се фокусира на решенија за унапредување на новинарството. Важна тема во овој контекст, која особено ја засега Европа, е зајакнување на јавните радиодифузери, вели Ноел Куран, генерален директор на Европската унија на радиодифузери (ЕБУ).
„За време на локдаунот поради Ковид-19, јавните сервиси се зајакнаа, обезбедувајќи веродостојни вести, едукација и многу потребната забавна програма. Рејтинзите покажуваат зголемена популарност кај публиката“, вели тој за ДВ.
Обезбедување финансии за јавните дифузери по Ковид-периодот е клучно и за тоа да се спроведе ЕУ ќе треба да усвои „сериозен пакет медиумски закони“.
„Итно е потребно да се осигура европска дигитална независност за да може следните генерации да продолжат да имаат бенефит од силни јавни сервиси“, вели тој.
Овогодинешниот настан е бесплатен. Регистрирајте се овде за да добиете бесплатна дигитална пропусница.