Глобал медиа форум 2019 – популистите, медиумите и моќта
27 мај 2019Повторно дојде време за средба: од 27 до 28 мај Дојче Веле ве кани на конференцијата Глобал медиа форум во Бон. Годинава централната тема, на во меѓувреме најголемата медиумска конференција во Германија, гласи: "Променлива моќ". Бидејќи на многу места – дури и во време на напредна дигитализација – односите меѓу медиумите, политиката и општеството постојано се менуваат.
„Популистите од сите страни на спектарот се закана за интегритетот на Европа," вели интендантот на Дојче Веле, Петер Лимбург. „Контролата врз информациите за нив стана алатка за моќ." Истовремено многу политичари ги шират своите пораки преку контролирани државни медиуми или преку дезинформации на социјалните мрежи. "Слободата на изразување е загрозена."
Како се развива односот "од љубов до омраза меѓу медиумите и политиката"?
Дводевниот Глобал медиа форум, треба да придонесе за поголема свесност за такви фундаментални процеси. „Заедно со многу меѓународни медиумски професионалци, со поддршка на партнерите ќе ги поставиме главните насоки и ќе привлечеме големо внимание," вели Лимбург.
Германскиот претседател Франк Валтер Штајнмаер ќе биде вклучен во живо и заедно со интендантот Лимбург ќе ја отворат конференцијата. Потоа следи првиот панел посветен на тоа како се менува медиумскиот пејсаж и каде лежат ризиците и шансите. Меѓу присутните ќе бидат и влијателниот ко-основач на групацијата Индија тудеј, Арон Пури како и Марк Питер од Гугл. Првиот човек на издавачката куќа „Аксел Шпрингер", Матијас Дофнер и американскиот пионер во дигитализацијата Џерон Ланиер ќе бидат главните говорници. На вториот ден од Глобал медиа форум фокусот се менува на односот "од љубов до омраза меѓу медиумите и политиката". Џан Дундар, поранешен главен уредник на турскиот весник Џумхуриет, со Џорџ Масколо, раководител на Истражувачката мрежа на НДР, ВДР и Зидојче цајтунг, како и други гости ќе дискутират за тоа во која насока ќе се развива овој однос.
Вештачка интелегенција, локално новинарство и африкански стереотипи
На медиумската конференција ќе има околу 2000 учесници од 140 земји и над 70 посебни настани на кои ќе се разговара и за други теми како на пример, иднината на локалното новинарство. На еден од панелите ќе бидат претставени позитивни примери за тоа како и во криза локалното известување може да функционира.
Јоаким Келер од Фрауенхофер институтот (ИАИС) и адвокатката и граѓански активист Нанџира Самбули од "Веб фондацијата" од Кенија ќе зборуват на темата "Вештачка интелегенција"(ВИ). Бидејќи примената на ВИ е во подем и во медиумскиот сектор. Оттука се појавува прашањето: како алгоритмите, софтверите за превод и четботови ја менуваат работата на медиумските работници?
Како предвесник на новата ера на ВИ на Глобал медиа форум нема да недостасуваат ниту роботи – меѓу другото хуманоидниот робот Софија ќе им се обрати на учесниците. На други предавања и работилници во соработка со партнерските организации меѓу другото ќе се зборува и за тоа како да им се слушне гласот на мигрантите во време на популизам, како правниците и политичарите да се справат со говор на омраза, и каква улога денес игра истражувачкото новинарство.
На агендата ќе има и многу повеќе настани за вмрежување и соработка отколку порано, вели Верица Спасовска, која е одговорна за програмата на конференцијата.
„Новина е и ексклузивната еднодневна работилница на која ќе има над 200 учесници кои се поканети од Министерството за надворешни работи на Германија," која ќе се случи по завршувањето на официјалниот дел од конференцијата.
На овогодинешниот Глобал медиа форум ќе има место и за уметноста – меѓу другото и преку изложба на фотографии од проектот „Everyday Africa" на која 30 меѓународни фотографи прикажуваат поинакви аспекти со кои треба да се урнат стереотипите за Африка.
Наградата за слобода на говор за Анабел Хернандез
Еден од главните настани на конференцијата, како и секоја година е доделувањето на Наградата за слобода на говор на ДВ. Годинава таа оди во рацете на мексиканката Анабел Хернандез. Амбициозна новинарка која во меѓувреме избега од земјата ја добива наградата за нејзината борба против корупцијата, затајувањето и неказнување на криминалците во Мексико.
Покрај Министерството за надворешни работи, главен партнер на Глобал медиа форум годинава е и покраината Северна Рајна Вестфалија (СРВ). Зголемената поддршка ќе придонесе оваа манифестација да води кон обединување на "меѓународните експерти, медиумски професионалци и политичари", нагласи премиерот на Северна Рајна Весфалија Армин Лашет, кој исто така ќе се обрати на конференцијата. "СРВ го поддржува ДВ со цел "Глобал медиа форум да стане водечка медиумска конференција."
Патем доколку не можете да стасате до Бон, конференцијата може да се следи во живо, преку стриминг кој ќе биде надополнет со интересни информации и екслузивни интервјуа. За се што се случува на коференцијата можете да дознаете и на социјалните мрежи на фејсбук и твитер профилите на ГМФ.