На опозицијата ѝ недостига еден глас за кворум
11 ноември 2021Собраниската седница за гласање доверба на Владата започна во неизвесност дали воопшто ќе има кворум за да се одржи гласањето. Според првичните пребројувања, на опозицијата ѝ недостига еден глас за кворум за донесување на дневниот ред на седницата. Во салата не е присутен Кастриот Реџепи од Беса.
„На државата во овој значаен период не ѝ треба политичка криза и потопување во непознати турбулентни води“, порача тој на Фејсбук.
„Со оглед на политичкиот моментум, по одложувањето на оставката на премиерот Заев, за доброто на процесот и силните сигнали од стратешките партнери, САД и земјите од ЕУ, кои ми беа доставени од високи дипломатски претставници, дека во декември земјата има изгледи да ги започне преговорите со ЕУ, решив да не учествувам на собраниската седница на која треба да се донесе одлука со која ќе се доведе во прашање оваа витална национална и државна цел. Како одговорен политичар и пратеник, оваа одлука не ја донесов лесно, ставајќи го интересот на народот и државата на прво место“, додава тој.
Претходно, претседателот на Собранието, Талат Џафери, ја отвори седница и откако службите ги преброија присутните пратеници, кои заедно со него беа 61, даде пауза од 10 минути. Џафери рече дека не ја поддржува иницијативата за гласање доверба на Владата и предложи седницата да ја води потпретседателот на Собранието, Фадиљ Зендели од Беса. Во салата не присуствуваат пратениците од досегашното мнозинство, предводено од СДСМ и ДУИ.
Гласање во скафандери
Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски и пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Ангелина Петковска, коишто се во изолација, во скафандери пристигнаа во Собранието, и учествуваа на седницата почитувајќи ги здравствените протоколи.
За да се изгласа недоверба на владата се потребни 61 пратеник. На барање на ВМРО-ДПМНЕ, пратениците се на пауза од еден час.
Доколку се обезбеди кворум, тие имаат рок за гласање до полноќ.
Иницијативата првично, со потписи на 61 пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, Алтернатива, Алијанса за Албанците, Беса и Левица, ја достави опозициската ВМРО-ДПМНЕ пред три дена во Собранието.
Седумнаесет пратеници, меѓу кои и двајца од Левица, вчера се повлекоа од барањето за гласање доверба на Владата. До ваквата ситуација дојде по притисокот од пратеникот на Алтернатива, Скендер Реџепи, кој рече дека нема да дозволи неговиот потпис да биде заедно со пратениците на Левица.
Денеска тој пред седницата рече дека е опозиција, а опозицијата секогаш гласа да падне владата. Пратеникот на Алтернатива додаде дека неговата партија никогаш нема да биде дела од листа или влада со партии коишто имаат анти-НАТО, анти-Косово или слични анти-современи вредности.
Тајни преговори
Мендух Тачи, лидерот на ДПА, кој е дел од актуелното владејачко мнозинство, тврдеше дека на денешното гласање во парламентот Владата нема да падне. „Кога преговорите се одвиваат во пет до 12, разговорите се тајни. А разговорите ги води Зоран Заев. Мислам дека денеска нема да падне Владата. Според информациите што ги имам, Владата ќе остане и ние и ќе добиеме датум за преговори“, рече Тачи изутринава.
Пред почетокот на седницата, пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Јован Јаулески информираше дека Финасиската полиција ноќеска влегла во неговиот дом. Од партијата обвинија за притисок, а надлежните тврдат дека станува збор за предистрага за предмет оформен поради сомнение за извршени сомнителни трансакции на пари помеѓу ЕВН и повеќе физички лица.
Ако се потврди опозициското мнозинство и на Владата денеска ѝ биде изгласана недоверба, претседателот на Владата до Собранието треба да поднесе оставка во рок од 24 часа од изгласувањето на недовербата. За изгласаната недоверба на Владата и за поднесената оставка, претседателот на Собранието треба веднаш да го извести претседателот на државата. Оттогаш почнува да тече рокот од 10 дена во кои претседателот на државата треба да го даде мандатот за составување нова влада на партијата или партиите кои ќе потврдат дека имаат мнозинство од најмалку 61 пратеник.
Ако опозицијата денеска не успее да ја собори Владата, според член 92 од Уставот „повторно прашање за доверба на Владата не може да се постави пред истекот на 90 дена од последното гласање за доверба, освен ако прашањето за доверба го постават мнозинството од вкупниот број пратеници“.