1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Гласачи се жалат дека на едни списоци ги има, на други ги нема

Катерина Блажевска27 април 2014

Граѓани на Охрид и Струга се жалат дека ги има во избирачките списоци за парламентарните избори, а ги нема во избирачките списоци за претседателските избори. Во Струга разликата била околу 900 граѓани, а во Охрид 650.

https://p.dw.com/p/1Bp6y
Фотографија: Petr Stojanovski

Претседатели на избирачките одбори во Охрид потврдуваат дека постои разлика во списоците. Кире Стојанов, претседател на Избирачкото место 1308/1 вели дека разликата во нивното избирачко место од едниот во другиот избирачки список била околу 10 гласачи. Во Охрид на списокот за парламентарните избори имало 650 повеќе гласачи од списокот за претседателските избори. Од Општинската изборна комисија во Охрид велат дека ваквите случаи ги упатуваат до ДИК. Според претседателот на ДИК, Никола Рилкоски, досега до Комисијата не стигнале такви приговори, но ако стигнат - ќе бидат веднаш разгледани.

„Претпоставувам дека разликата се должи на промените што се настанати во периодот по заклучувањето на изборниот список за претседателските и списокот за парламентарните. Ние во тој период евидентиравме околу 2.000 промени, заради склучување бракови, односно нови адреси, истечени лични карти или гласачи кои во меѓувреме станале полнолетни. Тие измени ги објавивме и на веб-страницата на ДИК. Токму заради овие причини, може да се случило тоа“, објаснува Рилкоски.

Граѓани од други општини, пак, се жалат на нарушување на изборниот молк.

Во текот на ноќта бил нарушен изборниот молк во дел од општината Бутел со растурање на пропаганден материјал на една политичка партија, кој бил оставан или е лепен на автомобили, огради од куќи и во поштенски сандачиња на избирачите. И жители на Крива Паланка изјавуваат дека градот осамнал преплавен со промотивен материјал на една политичка партија, расфрлан по улиците, пред вратите на становите и на автомобилите.

Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија ги извести граѓаните дека денеска канцеларијата на Комитетот ќе биде отворена во текот на целиот ден, со цел да им овозможи на граѓаните да пријават повреда на избирачкото право за време на предвремените парламентарни избори и вториот круг од претседателските избори.