1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Гинтер Грас - удобен со контроверзите

Јохен Киртен/превод:БГ14 април 2015

Во Германија, Гинтер Грас беше перцепиран како стар, непомирлив и тврдоглав автор. Неговите литературни достигнувања беа ставани во втор план. Неправедно, смета Јохен Киртен.

https://p.dw.com/p/1F7bs
Фотографија: picture-alliance/dpa

Интересно прашање: како писателот Гинтер Грас ќе беше евалуиран денес доколку се воздржуваше со политичките ставови? И доколку порано го признаеше членството во СС? Цела Германија веројатно ќе беше горда на писателот кој го напиша романот „Лимениот барабан“, горда на добитникот на Нобеловата награда за литература, на еден од творците на светски квалитетна литература.
Дали Германија е горда на Грас? И покрај тоа што многумина му оддадоа последна почит, кај многумина остана вкусот на горчина, и тоа најчесто од три причини.

Провокативност со мерак

Најпрво, Грас сакаше да провоцира, постојано заземајќи политички контроверзни ставови. Тоа секако беше негово право, можеби дури и негова одговорност. Но Грас не заземаше политички ставови само за социјалдемократијата или човековите права, туку и за теми за кои неговите политички опоненти можеа да реагираат само со одбивност. На тема германското обединување, Гинтер Грас ќе рече: пребрзо, подобро е да се сочува статус-кво на двете германски држави. Во однос на Израел: таа земја е воен хушкач и закана за светскиот мир - без споменување на Иран и други арапски држави.

Грас се позиционираше себеси како совест на нацијата - во најмала рака во перцепцијата на многумина. И бидејќи Грас, за разлика од Хајнрих Бел, неговиот долгогодишен литературен придружник, беше карактеристично темпераментен и секогаш провокативен, неговите изјави и ставови ја делеа нацијата.

Kuerten Jochen Kommentarbild App
Јохен Киртен

Задоцнето признание

Второ, признанието на авторот - во неговиот автобиографски текст „Лупење на кромидот“- дека влегол во СС како младо момче, беше конечниот крах. Многумина сметаа дека токму тој, од сите можни луѓе, проповедникот на чистата совест предолго ја криел тајната. Тоа беше непростливо! Попувањето за германската историја, а криејќи го сопственото минато беше неговиот конечен раскин со голем дел од публиката.

Кавга со критиката

Третата причина за нарушениот имиџ на добитникот на Нобеловата награда исто така не е за потценување. Грас беше во постојана војна со домашните литературни критичари. Нивниот најважен претставник, Марсел Рајх-Раницки и весникот за кој пишуваше - Франкфуртер Алгемајне, кој многумина го перцепираа како водечки национален интелектуален глас, беше остро критичен кон Грас. Тоа фрли дополнителна сенка врз јавната перцепција на Грас. Рајх-Раницки и неговите следбеници тврдеа дека освен „Лимениот барабан“, кусата новела „Мачка и глушец“ и веројатно уште литературната студија „Средба во Телгте“, тој не напишал ништо друго позначајно. Литературните критичари и многу странски експерти имаа поинакво мислење. Но во Германија, Рајх-Раницки имаше големо влијание врз јавното мислење на публиката која читаше литература.

Поглед на литературното дело

Со неговиот арогантен, а со годините и тврдоглав став, Гинтер Грас веројатно придонесе кон својот негативен имиџ. Доцното признание за вмешаноста во СС-трупите беше голема грешка. Но тоа не го менува фактот дека, со децении, Гинтер Грас беше еден од малкуте германски автори кој имаше глобален дофат. Важни автори како Салман Ружди, Џон Ирвинг и други беа инспирирани од Грас.

За да ја комплетираме сликата, треба да се потсетиме и на новелите, приказните и поезијата на починатиот писател. Тие го прават Грас, без никакво двоумење, еден од најважните автори на германски јазик на ерата по Втората светска војна.