1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Гигантска кражба на пасворди ја тресе интернет-мрежата

Кристоф Дернбах (дпа) / Е.М.Фиданоска6 август 2014

Интернет-корисниците се веќе навикнати на хорор-вести за кражби на податоци. Актуелниот случај, со над една милијарда украдени групи на податоци, меѓутоа, ги надминува сите граници.

https://p.dw.com/p/1CpdJ
Фотографија: picture-alliance/dpa

Овојпат би можел да биде погоден секој интернет-корисник во светот - хакери од Русија, како што извести „Њујорк Тајмс“, украле 1,2 милијарди логин-комбинации од кориснички имиња и пасворди. Погодени се над 500 милиони имејл-адреси, пишува весникот.

Експертите проценуваат дека во светот над две милијарди луѓе користат интернет. Не е случајност што гигантската кражба на податоци е откриена деновиве. Во американскиот град Лас Вегас во моментов има годишна средба на експерти за интернет, хакери и луѓе од тајните служби. На конференцијата „Black Hat“ во свое најдобро светло сакаат да се прикажат и безбедносните фирми со своите спектакуларни откритија.

Сега „рефлекторите“ се насочени кон претпријатието „Холд Секјурити“ од американската сојузна држава Милвоки. Експертите од „Холд Секјурити“ во минатото веќе имаат откривано други големи хакерски акции и беа, меѓу другото, дел од тимот кој ја откри кражбата на неколку милиони податоци од Adobe Systems.

Според наводи на „Холд Секјурити“, украдените податоци потекнуваат од 420.000 веб-страници, делумно и на големи претпријатија. Повеќето од погодените веб-страници се‘ уште се подложни на натамошни напади. Досега направената штета е „во граници“, односно не е многу голема. Основачот на „Холд Секјурити“, Алекс Холден, изјави дека напаѓачите украдените информации ги користеле за испраќање на спем-имејл-пораки со реклами или им служеле за линкови со штетни програми. Хакерите, меѓутоа, размислуваат за продажба на украдените податоци. Колку од украдените податоци се‘ уште се користат, е нејасно.

„Холд Секјурити“ сега се обидува преку укажувањето на мега-хакирањето од Русија да си прави реклама за сопствените услуги што ги нуди и од тоа да заработи. За годишен износ од 120 долари, фирмата на корисниците на веб-страници им нуди тест со кој може да се утврди дали се погодени од хакерски кражби или не.

Во Германија слични бесплатни програми за проверка нудат институтот Хасо Платнер и Сојузната служба за безбедност во информатичката техника (БСИ). Освен тоа, се препорачува корисникот да тргне од фактот дека пасвордите се веќе во раце на дубиозни хакери, особено ако истата комбинација се користи со години. Старите едноставни пасворди, како „123456“ би требало да се променат со покомплексен лозунг. За чувствителни податоци, како финансии, работа, здравје и други приватни работи, би требало да се направи обид да се најде алтернатива за комбинацијата „име на корисник-пасворд“. Банките и фирмите како Епл и Гугл нудат т.н. двојна идентификација, при која освен пасвордот, корисникот добива и код, преку мобилниот телефон или чип-картичка, кој мора да се наведе. Таквите постапки се многу потешки за хакирање.