1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германците „трупаат“ залихи огревно дрво за зима

Матијас Рихтман
26 јули 2022

Поради страв од недостаток на гас, Германците сѐ повеќе се подготвуваат за греење на дрва во претстојната зима, што може да има тешки последици по здравјето, предупредуваат од Министерството за животна средина.

https://p.dw.com/p/4Eemy
Brennholz vor einem Kamin
Фотографија: Fotolia/maho

Фактот дека една пилана ќе биде најбараното место на денешницата поради зголемената анксиозност кај населението, е исто така одраз на ова поинакво време. Кристијан Резген ги трга слушалките на страна и го исклучува телефонот за да може да зборува на мир во неговата канцеларија во Санкт Аугуст во близината на градот Бон. Шефот на пиланата Бухен ни раскажува за зголемениот број муштерии кои сега поради страв од Русија, почнале да трупаат залихи од огревно дрво. 

Од една страна имате некој кој ја заменил печката на гас со печка на пелети за да се осигура дека нема да зависи од рестрикциите, а од друга е производителот на пелети кој веќе нема залихи. Пресуваната дрвена пилевина уште додека е врела се товари на камион, бидејќи фабриката не може да постигне со производството. 

Со Кристијан Резген разговаравме дента кога германската Метереолошка служба го регистрираше овогодинешниот топлотен рекорд од 40 степени. На жештините Германците веќе се подготвуваат за зимата. 

Sägewerk Buchen in Sankt Augustin
Пиланата Бухен работи со полна пареаФотографија: Mathis Richtmann/DW

Дрвната индустрија е преоптоварена 

Речиси половина од становите во Германија се греат на гас. Откако беснее руската војна во Украина,  снабдувањето со гас е сѐ понеизвесно.  Иако гас повторно тече низ важниот гасовод Северен тек 1, тој е сѐ поскап, а довербата во безбедноста на снабдувањето ја нема.

„Не сакам да мрзнам во зима, еднаш го имам тоа доживеано,“ му вели една муштерика на производителот на камини, Гинтер Мојрер. Тој има двојно поголема побарувачка за камини од лани. Поради преголемата побарувачка, дури и ја затворил продавницата, а нарачки прима само на телефон. Бидејќи не може да постигне, дел од муштериите ги префрла по зимскиот период, а времето на испорака од некои производители е веќе поместено за следното лето. 

Побарувачката е зголемена за триесет до четириесет проценти, вели и Алексис Гула, кој е еден од најдобрите германски оџачари. Вели дека муштериите што доаѓаат кај него решиле да преминат на огревно дрво бидејќи сакаат да се осигураат дека дома ќе имаат греење и нема да мрзнат доколку снема гас. 

Според проценките на Сојузното здружение на огревно дрво, околу 80% од огревното дрво доаѓа од Германија. Пелетите се произведуваат од отпадот од градежната индустрија, која е сѐ уште во подем. 

Цената на гасот до почетокот на 2023 година може тројно да се зголеми, изјави минатата недела претседателот на Регулаторната комисија, Клаус Милер за германските медиуми. Греење на дрво е поевтино и покрај тоа што и цената на огревното дрво е порасната поради поголемата побарувачка. 

Субвенции од државата

Дополнително и државата нуди субвенции со кои се поттикнува премин кон греење на дрва. Заради заштита на климата владата промовира поддршка на енергетски ефикасно реновирање на згради. Како на пример кога има  промена на печка на нафта за печка на биомаса, во која спаѓаат и пелети, државата може да врати и до 45% од трошоците. Од почетокот на годинава до надлежните служби пристигнале речиси 60.000 барања за вакви субвенции. 

Покрај субвенциите и војната во Украина, оџачарот Гула гледа и уште една причина за бумот на камините. Од 2024 година стапуваат на сила нови правила за емисија поради што „доста камини мора да се заменат“, вели оџачарот Гула. 

Pellets und Brennholz
Пелети - новото злато? Фотографија: Karl Schöndorfer/picture allianc

Ситната прашина од горење дрва е ризик по здравјето 

Од друга страна, поради тоа што при горење дрва се создава голема количина „фина прашина“ со која се загадува воздухот, Министерството за животна средина бара биомаса воопшто да не се користи за греење.

„Системите за греење на дрва испуштаа над 1000 пати повеќе фина прашина отколку системите за греење на гас,“ објаснува Марсел Лангер од Министерството за животна средина. 

Речиси една петтина од  загадувањето со фина прашина во воздухот во Германија е од домаќинствата кои се греат на дрва, иако релативно мал дел од населението се грее на камин. Бидејќи овие честички се вдишуваат, тие се често одговорни за респираторни и срцеви заболувања, а може да предизвикаат и поголемо загадување на воздухот, вели експертот Лангер. Сепак со новите технологии може да се намали испуштањето на овие честички. 

Потребни се паметни решенија 

При  ложење на дрва  се создаваат и други штетни гасови, особено ако не ја палите печката соодветно или не проветрувате доволно. Градителот на камини Мојрер објаснува: „Со автоматско регулирање можам да исклучам човечка грешка при користење на каминот, но повторно останува проблемот со фината прашина.“ Муштериите може да вградат филтер со кој таа се редуцира. 

Марсел Лангер од Министерството за животна средина поради тоа повеќе се залага за централизирани решенија – системите за централно греење може поефикасно да ја претворат и пренесат енергијата и да ја филтрираат фината прашина. 

Меѓутоа, во пракса, вакви решенија често недостасуваат. Кристијан Резген од пиланата раскажува дека во многу нови станбени објекти каде врши достава, секоја единица има свој систем на пелети. 

Со цел да се справи со паничното купување пелети, Резген сега ја ограничи продажбата на три пакувања пелети по муштерија.