Германците и нивната љубов кон брза храна
Од колбаси со кари до сендвич со ќофте од инсекти: културата на сендвичарници и брза храна во Германија е драстично променета. Она што некогаш било презирано, денес е прифатено и ги отсликува различните животни стилови.
Колбас со кари
Колбасот со кари или каривурст во Берлин и Рурската област е речиси станат составен дел од идентитетот и се сервира често со пржени компирчиња, т.н. „Манта порција“. Германскиот познат пејач Херберт Гринемајер испеа дури и песна за него во рурски дијалект.
Киоск за сендвичи со колбаси на скара
Помалку егзотични роднини на колбасот со кари се сендвичите со колбаси на скара,братвурст, по правило пред сендвичарницата се поставени неколку масички за стоење. Ваквите сендвичарници се посебно распространети во Берлин, но и во повеќе поголеми градови, како Келн.
Сендвич со риба
Лепче со риба е некој вид северна варијанта на колбас со кари. Брзо се спрема- меѓу две половинки од лепче се става харинга (на фотографијата) или лосос, гарнирано со кромид и салата. Ова спаѓа во класиката на германската брза храна „за по пат“ и постои од почетокот на масовниот туризам во 1960-те години. Сендвич со риба е посебен заштитен знак на Хамбург - таму неизоставно треба да се проба.
Киоск за пијалоци и сендвичи
Ваквите прапочетоци на германската култура на сендвичарници и киосци се наоѓаат посебно во Рурската и во Рајнската област. Во опуштена атмосфера, по крајот на работниот ден, луѓето се собираат на муабет, кафе или пиво и мала закуска - сендвич со салама или кашкавал.
Пица
Брзо подготвуваното и вкусно јадење од Италија во Германија го почнува својот победоносен поход во 1950-те години, по доаѓањето на првите италијански гастарбајтери и до денес е најомилената придобивка од странските кујни за брза храна. Сеедно дали цела во пицерија или купена како парче за по пат, пицата ужива неподелена омиленост.
Донерот се одомаќинува
Во Берлин почнал да се продава првпат во 1972, а во Ројтлинген во 1969 година, а денес донер кебап спаѓа во најомилените закуски на Германците. Најдоцна од 1990-те години го има низ цела Германија: од класичен со месо, до вегетаријански. Првично донерот настанал веројатно во 19 век во северниот дел од Турција.
Суши
Само до пред неколку години, суши беше нешто специјално и можеше да се јаде само во некој јапонски ресторан. Денес суши има и во сите подобро снабдени супермаркети, особено во метрополите. Некогашната тренд храна за многумина вработени луѓе е добредојдена промена и алтернатива за храната од мензите во пладневната пауза за ручек.
Гастрономската култура и стилот на живеење
Во меѓувреме во Германија постојат сендвичарници и киосци за брза храна за секој вкус, па и за здравствено-свесните и еколошко ориентираните потрошувачи. Културата на сендвичарници е прилагодлива и не се сфаќа веќе само како брза храна. На фотографијата еден маж со сласт загризува во сендвич со ќофте од инсекти, чие „месо“ е произведено од ларви од еден вид бумбар.
Подвижни сендвичарници
Ги имало уште во средниот век, а сега доживуваат ренесанса - хипермодерни подвижни киосци за брза храна на тркала. Во многу германски градови редовно, во одреден ден од неделата, се одржува уличен пазар, на кој се продаваат регионални и интернационални специјалитети од мобилни киосци.