Германско-кинески сојуз против светските немири
5 јули 2017„Кина и Германија можат да дадат свој придонес за барем делумно смирување на немирите и несигурноста кои владеат во светот“, изјави германската канцеларка Ангела Меркел, која денеска во Берлин го пречека кинескиот претседател Си Џинпинг. Меркел е уверена дека посетата е добра прилика за проширување и продлабочување на билатералните добри односи меѓу двете земји.
Средбата на Меркел и Си е во функција и на подготовката на самитот на Г20, на најголемите економски сили во светот и ЕУ, кој в петок и в сабота ќе се одржи во Хамбург.
Меркел смета на помошта од Кина во спречување неуспех и евентуално постигнување напредок на самитот, на кој претстојат тешки преговори.
Домаќинот на Г20 тесно соработува со претходните и наредните организатори, со цел да се обезбеди континуитет на темите. Кина, заедно со Аргентина, во овој контекст припаѓа на водечката тројка на самитот. „Оттаму, верувам и се надевам дека ќе можеме да надминеме одредени пречки, иако не можам да прогнозирам каков ќе биде конечниот резултат“, истакна Меркел по средбата со Си. Таа од својот домаќин меѓу другото побарала и подобрување на условите за пристап на германските фирми на кинескиот пазар. Си од својастрана истакна дека кинеско-германските односи од политички, економски и од аспект на општествена размена на искуства се успешна приказна. Врз оваа основа, тој се надева на нова фаза и натамошно продлабочување на партнерството. Двете земји планираат позасилена соработка отколку досега во областа на економијата, трговијата, финансиите и инвестиците, како и во борбата против тероризмот. Ова важи и во врска со високите технологии.
Попладне Меркел и Си во Зоолошката градина во Берлин ќе ги посетат двете нови големи Панда мечки, кои стигнаа пред неколку дена како подарок од Пекинг.