1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Криминал

Германските медиуми за „мистериозните закани“ во Белград

Обработка: Иван Ѓерковиќ
18 мај 2022

Полицијата во Србија од март се соочува со анонимни дојави за бомби. Но, она што се случи овој понеделник и вторник е најмасовниот бран досега, јавуваат германските медиуми.

https://p.dw.com/p/4BRvt
Symbolbild Serbien Bombendrohungen in Belgrad
Летовите Белград-Москва на Ер Србија веќе со недели се мета на голем број заканиФотографија: Darko Vojinovic/AP Photo/picture allaince

Почна во понеделникот со закана за бомба на авио-линијата Белград-Москва, но потоа настана хаос, пишува берлинскиот весник „Тагесцајтунг“. „Вкупно 97 училишта во Белград добија анонимни закани преку имејл. Во некои основни училишта настана паника, родителите побрзаа да ги земат децата, а некои средношколци, пак, се израдуваа на откажувањето на наставата - учениците танцуваа пред една белградска гимназија додека полицијата не ги избрка.“

За полицијата ситуацијата беше сè, само не смешна, пишува берлинскиот весник. Затоа што, „како да се проверат сите тие училишта? На целиот Балкан нема толку многу одделенија за демонтирање бомби. Иако брзо стана јасно дека заканите се веројатно лажни, законот ѝ налага на полицијата да ја провери секоја од нив“, потсетува берлинскиот весник.

Германската агенција ДПА пренесува дека анонимни дојави имало и во вторникот (17.05) и потсетува дека од март се повторуваат закани за бомби во авионите на Ер Србија кои летаат за Русија. „Во еден момент белградскиот аеродром мораше да се евакуира, а во неделите што следеа цел беа трговски центри, училишта и белградската зоолошка градина. Во ниту еден случај не беа пронајдени експлозивни направи“.

Заканите во понеделникот и вторникот беа најмасовниот бран од овие мистериозни закани досега, посочува германската агенција и наведува дека слични закани неодамна биле пријавени и од други земји во регионот - Црна Гора, Босна и Херцеговина и Хрватска.

Кој е одговорен за заканите?

„Тагесцајтунг“ ги пренесува зборовите на министерот за внатрешни работи на Србија, Александар Вулин, кој оценува дека станува збор за „војна против Србија“. Медиумите споменуваат „организирани хакерски напади“.

И сите се прашуваат: кој стои зад ова? Германскиот весник ги цитира зборовите на главниот уредник на неделникот „Време“, Филип Шварм: „Може да се украински, полски или балтички хакери, можеби и некоја западна тајна служба, бидејќи Србија не воведе санкции кон Русија и инаку е пријателски настроена кон Путин. Но, тоа би можело да бидат и руски хакери - тоа би било предупредување што ќе се случи со Србија ако Русија биде санкционирана. Или, помалку политички, може да се и хакери кои сакаат на тој начин да си 'направат име'.“

Се пренесува и мислењето на Горан Ј. Мандиќ, професор на Факултетот за безбедност на Универзитетот во Белград, кој смета дека трагата води во Украина. Доказ за тоа тој гледа во тоа што тревогата почнала со заканата за летот Белград-Москва.

Експерти за безбедност објаснуваат дека ИТ-единиците на српската полиција можеле само делумно да ја следат трагата. Од одредена точка, тие се немоќни без меѓународна соработка - на пример, со украинските колеги.