1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудство

Ослободен германскиот новинар уапсен во Турција

ЖА / агенции
16 февруари 2018

По повеќе од една година, германско-турскиот новинар Денс Јуџел е ослободен од затвор во Турција, но против него е подигнато обвинение во кое обвинителството бара затворска казна од 18 години.

https://p.dw.com/p/2snlU
Journalist Deniz Yücel
Фотографија: picture-alliance/Eventpress/Stauffenberg

Денис Јуџел е пуштен од затвор,  но турското обвинителство покренало обвинение против него, во кое бара казна затвор во траење од 18 години.

Германската влада го потврди ослободувањето на дописникот на весникот „Велт“, Денис Јуџел од турски затвор. Германскиот министер за надворешни работи Зигмар Габриел изјави дека ја поздравува одлуката на турското правосудство, истакнувајќи дека во последните денови вршел интензивни напори за наоѓање решение во разговорите со својот ресорен турски колега Чавушоглу и со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган. Портпарол на Министерството рече дека не е извршен никаков „валкан дил“, поддршката на Јуџел била исклучиво од конзуларна природа. Претходно, весникот „Велт“ на својата интернет страница, повикувајќи се на изјава од адвокатот на Јуџел, соопшти дека новинарот го напуштил турскиот затвор.

Повеќе на темата: 

Габриел и Чавушоглу: Обновување на германско-турскиот дијалог

Отворена кавга меѓу Германија и Турција

Со германски тенкови на Курдите

Денис Јуџел беше уапсен пред малку повеќе од една година во Истанбул. Тој доброволно се пријави кај полицијата, а беше осомничен за вршење „терористичка пропаганда“ во Турција.

Случајот прерасна во еден од најголемите камења на сопнување во германско-турските односи. Јуџел една година беше држен во затвор без против него да биде подигнато какво било обвинение, му беше изречена мерка притвор поради терор. Во последните недели дојде до придвижување во случајот. Германската канцеларка Ангела Меркел вчера, при средбата со турскиот премиер Бинали Јилдирим му укажала дека за Германија случајот Јуџел има посебна итност.

Во германските медиуми се шпекулираше дека германската влада влегла во дил со Турција - ослободување на Денис Јуџел, а за возврат да ја лиферува од Турција бараната опрема за модернизирање на тенковите од германско производство.