1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Правната несигурност е лоша порака за бизнисот

Костадин Делимитов20 април 2016

Во анкетата на Германската комора во Македонија и годинава доминираат старите слабости. Политичката криза во Македонија предизвикува загриженост и силно се пресликува кај стопанството.

https://p.dw.com/p/1IZ7k
Фотографија: K. Delimitov

Правната несигурност е клучниот проблем во работењето на компаниите обединети во Македонско-германското стопанско здружение. Во последната анкета на Германската комора во Македонија се предупредува на влошување на состојбите во споредба со претходната година, односно само 10% од фирмите, или двојно помалку од лани, ја сметаат деловната состојба како добра. Старите болки, како корупцијата, владеењето на правото, наплатата на побарувањата остануваат клучен проблем каде воопшто нема промени. Дополнително и обемот на политичката криза пропратена со скандалозните потези од типот на општата аболиција на претседателот Ѓорѓе Иванов се генерално лоши сигнали за општиот амбиент и правната сигурност во Македонија:

„Мислам дека Сојузната влада и министерот за надворешни работи Франк Валтер Штајнмајер беа јасни во пораката околу ова прашање. А тоа е дека одлуката за општа аболиција е проблематична и може да предизвика тешка штета врз правната држава“, предупреди Ханс-Хелге Сандер, заменик амбасадор на СР Германија во Македонија.

Капиталот е плашлив како срна

Токму правната несигурност е клучниот проблем за стопанствениците кои се загрижени и бараат решение на политичката криза:

„Како бизнис комора нас првенствено не‘ интересира економската база во земјата, но ние се надеваме дека политичарите разбираат и знаат дека капиталот е плашлив како срна. Но во моментов добра вест е што работите не се отидени до таму што го покажуваат и резултатите од анкетата“, изјави Мартин Кнап директор на Стопанска комора на Германија во Македонија.

Mazedonien Skopje Die Repräsentanz der Deutschen Wirtschaft in Mazedonien
Ханс-Хелге Сандер (лево) и Мартин Кнап (во средината)Фотографија: K. Delimitov

Во анкетата доминираат негативни но и позитивни оценки. Со најлоша оценка покрај правната несигурност повторно се оценети и дисциплината при наплатата на побарувањата, политичката и социјалната стабилност, транспарентност при јавните набавки. Истовремено компаниите покажуваат незадоволство во поглед на превземените мерки за сузбивање на корупцијата, за разлика од 2015, кога овие критериуми беа оценети со повисоки оценки:

„Сево ова го спречува долгорочното планирање и предизвикува неизвесност кај деловните луѓе и во компаниите“, предупредува Кнап.

Охрабрувачки податоци

Охрабрувачки се толкува фактот што дури 75% од компаниите се изјасниле дека повторно би инвестирале во Македонија. Околу 40% планираат да го зголемат бројот на вработени, а слично како лани, односно 36% сакаат да ги зголемат инвестициите. Сепак најави за нови инвеститори од Германија барем засега нема, не само за Македонија туку и за регионот:

„Општо земено во анкетата добрите оценки се во делот каде влијание има човечкиот фактор, но незадоволството е очигледно онаму кога станува збор за државата“, вели Кнап.

Македонско-германското стопанско здружение е формирано во 2000 година во Скопје и со над 185 членки важи за најголемо билатерално бизнис здружение. Комората вложува континуирани напори за унапредување на македонско-германските стопански односи и поддршка на германските инвеститори кои доаѓаат на македонскиот пазар. Германија важи за еден од поголемите инвеститори во Македонија и главен трговски партнер со кој веќе со години се остварува суфицит во трговската размена.