1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ одамна му е должна на Балканот

14 март 2022

Повеќе од 20 години земјите од Балканот слушаат ветувања за ЕУ-интеграција, но прашање е колку тие вредат, пишува Зидојче Цајтунг, коментирајќи ја посетата на Аналена Бербок на регионот.

https://p.dw.com/p/48TMG
Аналена Бербок
Аналена Бербок, министерка за надворешни работи на ГерманијаФотографија: Armend Nimani/AFP

Весникот Зидојче цајтунг опоменува дека војната во Украина е опомена за ЕУ да преземе повеќе на Балканот. Во текстот под наслов „Заборавени ветувања“, весникот оценува дека „Агресивната војна на Путин е повик да се разбуди ЕУ да посвети поголемо внимание на Западен Балкан". 

Германскиот весник пишува: „Оној кој 20 години слуша некои ветувања, неминовно размислува колку вредат тие ветувања. И кои се алтернативите. Тоа е случај со земјите од Западен Балкан, на кои Европската Унија во 2003 година им вети дека ќе ги интегрира“. 

„Се разбира, проширувањето на ЕУ не е цел сама по себе“, укажува весникот, според кој „мора да се почитуваат критериуми кои пропишуваат стандарди за стабилност на институциите, демократија, владеење на правото, почитување на човековите права и почитување и заштита на малцинствата, функционална пазарна економија и усвојување на заеднички правен систем. А, поради немањето волја за реформи и политичка храброст во шест земји, процесот на приближување кон ЕУ е одложен речиси две децении“. 

Ветувањата на ЕУ  

Сепак, како што се нагласува во текстот, „ЕУ мора да се соочи и со критиките дека не направила ни приближно доволно за да ги исполни своите ветувања. Ова е дотолку попроблематично, бидејќи геополитичките конкуренти, за кои демократскиот и пред се мирниот развој не се приоритети, веќе подолго време ги пополнуваат празнините и го користат Балканот како инструмент за нивните конкретни интереси. Кина се обидува да создаде економска зависност преку која може да изнуди политичка верност, а Русија со години е активно вклучена во дестабилизација, поддржувајќи ги националистичките и сецесионистичките тенденции и поттикнувајќи етнички тензии“, пишува германскиот весник, заклучувајќи: 

„Агресорската војна на рускиот претседател Владимир Путин против Украина е знак на тревога, а регионот е немирен како што не бил долго време. Колку и да е коректен и разбирлив сегашниот пристап кон Украина, ЕУ одамна му е должна на Балканот“.

„За време на нејзиното патување низ регионот, министерката за надворешни работи Аналена Бербок се увери колку е тежок процесот на зближување. Затоа германската влада, како што е најавено, мора итно, активно и одлучно да се грижи за југоисточниот дел на континентот. Тоа значи проширување на економската соработка, таму каде што има партнери кои се подготвени за реформи, но и убедување во Брисел, како и на оние партнери од ЕУ кои го кочат процесот“, заклучува Зидојче цајтунг.