1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Спорт

Германски медиуми: С. Македонија е во фудбалски налет

8 декември 2020

Во првичните анализи по вчерашната жрепка на квалификациските групи за Светското првенство во Катар, германските медиуми и даваат мали шанси на Северна Македонија, но предупредуваат од гостувањето во Скопје.

https://p.dw.com/p/3mRFJ
Fussball I Mazedonien v  Georgien
Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Северна Македонија е во налет откако успеа да обезбеди прв, историски пласман на едно Европско фудбалско првенство, пишува денеска онлајн изданието на германскиот спортски магазин Кикерџ, во анализа на Групата Ј, во која е и Германија.
Германскиот селектор Јоахим Лев вчера, веднаш по жрепката, не ги криеше амбициите на неговата селекција.
„Влегуваме во трката како најголем фаворит. Нашата цел е да победиме во групата“, изјави Лев.

За да ги упати читателите во фудбалската историја на земјата, весникот го наведува Саша Ќириќ како еден од најпознатите претставници на македонскиот фудбал во Бундеслигата.

„Северна Македонија е во налет, земјата на поранешниот Бундеслига профи Саша Ќириќ (26 гола во 64 натпревари за Франкфурт и Нирнберг) за првпат се пласираше во завршната фаза на Европското првенство и сигурно нема да има ништо против, доколку уследи и пласман на Светското првенство“, пишува Кикер.
Весникот открива дека е ова прв настап во квалификациите за СП за земјата под новото име и реално погледнато ќе биде голем аутсајдер во дуелите со Германија.
„Сепак, Македонците кои за првпат ќе играат против Германија, на домашен терен можат да бидат непријатен противник, и да станат потенцијална сопка. Тоа може да се избегне."

WM - Manuel Neuer, Miroslav Klose, Kevin Großkreutz, Lukas Podolski, Thomas Mueller und Bundestrainer Joachim Löw
Германија за последен, четврти пат, беше светски шампион во 2014 година на Мундијалот во БразилФотографија: picture-alliance/dpa/A.Gebert

„Дали стариот мајстор Горан Пандев (37) ќе настапи во квалификациите останува да се види, иако шансите за тоа изгледаат мали“, заклучува Кикер.

Самиот Пандев, пак, денеска изјави дека би сакал да игра против четирикратниот светски првак „пред полни трибини во Скопје“.

За германските медиуми е недвојбено дека најголем предизвик за нивната репрезентација ќе бидат дуелите со Романија, која е највисоко рангирана во Групата во која уште се и Исланд, Ерменија и Лихтенштајн.