Германски генерал тешко повреден во напад во Авганистан
5 август 2014Според информациите од Командата за воени ангажмани на Бундесверот, нападот се случил денеска напладне (5.08) во тренинг-центарот Камп Карга (насловна фотографија), со кој раководи Велика Британија. Според првичните резултати од истрагата, нападот го извршило, како што се вели, „внатрешно лице“ односно авганистански војник кој бил на обука во центарот. Еден припадник на меѓународните заштитни трупи во Авганистан (ИСАФ) загинал во нападот, а уште 14 лица се повредени, меѓу нив и германскиот бригаден генерал. Тој не се наоѓа во животна опасност и медицински е згрижен, соопшти Бундесверот, дополнувајќи дека за инцидентот било информирано и семејството на генералот. Според извештај на германскиот весник „Шпигел онлајн“, загинатото лице во нападот е всушност висок американски генерал.
Во кампот Карга војниците на НАТО ги обучуваат авганистанските војници. Во 10 вакви напади, познати и како „внатрешни“, во 2013 година загинаа 16 лица. Во текот на 2012 година имаше 38 слични напади, во кои загинаа 53 војници на мултинационалните сили.