Германската економија во поддршка на Македонија
29 јуни 2018Германскиот одбор за економски односи со Источна Европа позитивно го коментира решавањето на спорот околу името меѓу Македонија и Грција и препорачува ЕУ што поскоро да започне пристапни преговори со Македонија, од аспект на развој на стопанските односи и трговската размена.
„Навестувачкото решение на спорот околу името меѓу Грција и Македонија може да се погрижи за силен дополнителен импулс“, истакна претседателот на раководството на Одборот, Михаел Хармс. Тој потенцира: „ЕУ треба да го поддржи овој договор и што е можно поскоро да започне пристапни преговори со Македонија“. Истото важи и за Албанија, која, како што се вели, во последниот период преку реформи во правниот систем направила значаен чекор нанапред.
Во периодот јануари-април оваа година, според податоците на Германскиот одбор за економски односи со Источна Европа - Здружение за Источна Европа на германското стопанство, обемот на трговската размена на Германија со Македонија пораснал за 18,1 проценти и изнесува 1,261 милијарди евра, наспроти 1,068 милијарди во истиот период во 2017. година. Германија во првото четиримесечие годинава увезла од Македонија стоки во вредност од 886 милиони евра, за 17,2 насто повеќе од истиот период лани, а експортирала производи во износ од 375 милиони евра, што е зголемување за 20,2 проценти во однос на првите четири лански месеци.
Повеќе: Германските фирми во Македонија вработуваат над 20 илјади луѓе
Трговската размена на Германија со регионот Источна Европа и натаму расте натпросечно: по извозниот плус од преку десет проценти во 2017. година, во првиот квартал од 2018. година германскиот извоз во 29 партнерски земји на Германскиот одбор за економски односи со Источна Европа - Здружение за Источна Европа на германското стопанство, бележи зголемување од околу шест проценти и со тоа расте посилно од вкупниот германски извоз (+4,4%). Исто така и увозот со околу седум проценти е над просекот. Посебно силна е побарувачката за германски производи во централно и источноевропските ЕУ-држави.