До кога ќе опстане дизелот?
4 декември 20152015 година би можела да биде добра година за германските производители на автомобили. Здружението на автомобилската индустрија пред крајот на годинава ги објави следниве бројки: германските производители оваа година произвеле повеќе од 15 милиони автомобили, од кои 5,7 милиони во Германија. До септември, продажбата пораснала за 11 отсто, на 300 милијарди евра. Само Германците купиле 4 насто повеќе автомобили, бројот на нови регистрации до крајот на годината би требало да порасне на 3,17 милиони возила. Тоа истотака имаше влијание и на бројот на вработени во Германската автомобилска индустрија, кој порасна за 17.000 на 800800.
Тоа донекаде може да биде добра година, дури и ако изгледите за 2016. година се помалку розови. Односите во глобалната економија и затегнатата политичка ситуација, заситен пазар... Се прогнозираат 78,1 милиони возила наредната година, тоа би било раст од 2 отсто.
„Дизел гејт“ и последиците
„Дизел гејт“ на автомобилската индустрија и донесе поголем проблем од расипување на имиџот. „Оваа злоупотреба чинеше доверба- во Фолксваген и во целата индустрија и тоа не само во дизел технологијата“, признава претседателот на Здружението на германска автомобилска индустрија Матијас Висман и многу се труди скандалот да го ограничи само на Фолксваген. Не би требало да има „колективна одговорност“ вели Висман. Во ноември, речиси половината новорегистринани возила беа дизел. „Ние немаме назнаки дали дизелот на германскиот пазар е во криза“, истакнува тој, но додава оти поконкретно ќе може тоа да го каже на пролет. И кога станува збор за животната средина и климата, дизелот добро се држи бидејќи троши 20 проценти помалку гориво отколку бензинскиот мотор и неговите емисии на СО2 се во просек пониски за 10 отсто.
Без дизел не може да се постигне однапред одреденото ниво на потрошувачка на гориво и емисии на штетни гасови во ЕУ за 2020. година и понатаму, предупредува Висман. „Кога во Европа се’ што е дизел, биде бензин, не би сме имале под 130 грама СО2 на километар, туку приближно околу 137 или 138 грама.“ Покрај тоа, дизел моторите досега на германските производители им носеа добра заработувачка. Секој втор нов автомобил, кој се продава во западна Европа е дизел.
И секој втор дизел кој се продава во западна Европа е на Ауди, БМВ, Мерцедес или Фолксваген. Дури и производителот на спортски автомобили Порше, 39 отсто од новите автомобили ги опреми со дизел мотори. „Досегашната предност на европските производител на дизел возила во наредните години ќе стане оптоварување“, предупредува експертот Фердинанд Дуденхофер од универзитетот Дуисбург-Есен. Построгите прописи за заштита на животната средина во ЕУ во иднина би можеле да го отежнат животот на германскиот производител. Со насоките на ЕУ се предвидува дека емисијата на азотен оксид на пат може само условно да отстапува од вредноста измерена во лабораторија. „Тоа е голем предизвик за речиси сите производители на автомобили, бидејќи денес дури и евро дизел 6 има прилични отстапувања.“
Уште колку долго ќе се исплатува дизелот?
Затоа производителите во наредните години мораат да вложуваат милијарди во пречистување на издувните гасови на дизел возилата, што неминовно ќе ја зголеми цената на моторот. Еден ден дизелот веќе нема да биде исплатлив, предвидува претседателот на Управниот одбор на БМВ, Харалд Кругер. Тогаш електро-мобилноста ќе игра одлучувачка улога. Производителот на автомобили од Минхен моментално подготвува нова офанзива во таа област. Според развојот на моделот и3 воведен во 2013. ќе има и кабриолет верзија и8, како и уште еден електричен автомобил, значи и-семејство, најави шефот на БМВ.
Германските електрични автомобили се барани ширум светот, вели Висман задоволно. На двата главни западноевропски пазари за електрични возила, во Холандија и Норвешка, германските производители со 59 проценти и 55 проценти се лидери на пазарот. Слична е ситуацијата и во Германија. Во САД, најголемиот пазар на светот за електрични возила, пазарното учество од моментални 8 насто би можело да биде повеќе од удвоено.
Но, Германија е уште далеку од тоа да биде водечки пазар за електрични возила, се жали Висман. „Без политички ефикасни импулси, ниту една земја на светот не успеала да создаде пазар за електро автомобили“, вели Висман кој се залага за субвенции од владата, ... субвенционирање при купување, даночни олеснувања или помош во изградба на инфраструктура за полнење на електро возила.