1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија - европски хегемон?

Бернд Ригерт/ Зоран Јордановски1 октомври 2015

Улогата што је игра обединета Германија во Европа е тешко да се опише и постојано се менува. Германија се воздржува да преземе лидерство, а некои токму тоа го бараат од неа.

https://p.dw.com/p/1Ggg8
Фотографија: picture-alliance/dpa

Германија, 25 години по повторното обединување, се’ уште е „колеблив предводник против своја волја“, смета Саша де Врајс, соработник на тинк-тенк организацијата „Крајзис екшн“ од Брисел. Таа, според него, е силна првенствено оти нејзините соседи се толку слаби. Британскиот магазин „Економист“ уште во 2013 година пишуваше дека Германија е хегемон кој не го сака тоа и дека мора да покаже повеќе лидерство. Ерик Бонсе, дописник од Брисел на берлинскиот весник „тац“, напротив укажува на преголемото влијание на Германците во институциите на ЕУ. Француската министерка за европски прашања Ноел Леноар, пак, не гледа некаква „германска надмоќ“ во Европа: „Германскиот канцелар Ангела Меркел е веројатно најпроевропски настроен шеф на влада во моментов во Европа. Таа е способна за компромиси и има обѕири спрема Франција“, рече Леноар неодамна во интервју за телевизијата Франс24.

Feier der deutschen Wiedervereinigung vor dem Berliner Reichstag
Фотографија: picture-alliance/dpa

Германија и Франција - двојка без која не се може

Германско-францускиот тандем традиционално е јадро на европското обединување и мотор за нов развој. Во моментов Германија го има воланот - не затоа што беузловно го сака тоа, туку оти Франција е економски послаба и е зафатена со домашни реформи, вели Елмар Брок, германски европарламентарец, претседавач на Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент. „Мислам дека ние не сакаме толку сами да предводиме. Затоа се надеваме дека Франција повторно ќе влезе во полна форма. Психолошки честопати е поедноставно тоа да се прави во тандем, како повќепати во минатото. Економскиот развој во Франција мора да биде позитивен, за да не мораме ние да преземеме двојна лидерска улога“, вели Брок во разговор за ДВ. Тој смета дека е важно и Полска да се вклучи како трет партнер во лидерскиот круг.

„Големи сме и не би требало да делиме поуки“

Во Брисел магливо се сеќаваат на првичните противења на Франција и Велика Британија за обединување на Германија. Тоа веќе не игра улога во политичкото секојдневие. Во јуни 1990. година ЕУ (тогаш Европска Заедница) даде согласност за прием на населението на ГДР (Источна Германија - н.з.). Истовремено на самитот во Даблин беше иницирано создавање монетарна и политичка унија. Накратко: еврото беше противпотег на Германците за нивното обединување.

Во актуелните кризи - со еврото, Грција, Украина и сега со бегалците - честопати Германија го диктира тонот. Посебно водечката улога во стопанската и фискалната политика води до враќање на клишеата за одвратните Германци. За тоа сведочат плакатите во Грција и Италија, на кои Меркел е прикажана во СС-униформа или како двојник на Хитлер. Со политиката на штедење Германија предизвикува поделби во Европа. Затоа демохристијанинот Брок советува на скромност: „Мора да внимаваме, како најголема земја да не го истакнуваме постојано тоа, оти како последица предизвикува недоверба кај малите. Тоа секогаш мораме да го имаме пред очи.“

„Германија треба посилно да предводи“

Како гледа на тоа претставник на мала земја? Ги Ферхофштат, поранешен премиер на Белгија, за ДВ изјави дека Германија би можела да биде поамбициозна и поенергично да предводи во Европа. „Можеби по повторното обединување загубивме малку од тоа. Германија го презема водството и рече дека мораме да ја унапредиме интеграцијата на европскиот континент. Тоа секогаш беше нејзина задача во 20. век. Се надевам дека сега ќе го продолжи тоа. Потребни ни се германски водечки личности“, смета Белгиецот, кој е не чело на либералната фреакција во Европскиот парламент.

Symbolbild Deutschland Europa Flagge
Фотографија: picture-alliance/dpa

Кај заедничката надворешно-политичка активност на Германија и Франција Елмар Брок гледа особено дефицити во германската улога во Европа: „Сметам дека ни е потребно подобро усогласување на стратегијата. Французите се многу позаинтересирани за Африка и Медитеранот, поподготвени се да преземат воено водство. Тука мораме повеќе меѓусебно да разговараме за да развиеме заедничка стратегија во рамките на Европа“. Во украинската криза и односот спрема Русија тоа добро функционира, нагласува Ноел Леноар, која инаку е професор по политика. Но, германско-францускиот тандем нема јасна цел, кон што треба да се насочи проектот Европа во иднина.

Смелост за исчекор

Тој став го споделува и Ги Ферхофштат. Тој критикува дека нема долгорочна германска визија за Европа: „Секогаш се напредува само чекор по чекор. Но, тоа е премалку кога се во прашање кризата на еврото или бегалската криза. Секогаш се заостанува зад настаните. Понекогаш во животот мора да се осмелиш и на голем исчекор напред. Тоа се однесува на приватниот живот, но и за наднационални организации како ЕУ“.