Секој граѓанин да придонесе против ширење на коронавирусот
9 март 2020Германскиот сојузен министер за здравство Јенс Шпан ги повика сите граѓани да дадат свој придонес за успорување на ширењето на коронавирусот. Целта е забавување на динамиката, изјави министерот денеска во Берлин: „Мораме да го успориме ширењето на вирусот, за нашиот здравствен систем да остане и натаму функционален. За тоа е потребна поддршка од цело општество. Потребен ни е секој одделен граѓанин“, истакна Шпан. Притоа, однесувањето би било слично како и при настинка и грип. „Потребно е да го правиме она што би го правеле во секојдневието заради заштита од настинка или грип“, потенцира министерот. Секој треба да процени и да донесе одлука за себе од што полесно, а од што потешко би се откажал.
Јенс Шпан повторно апелираше за откажување на масовни манифестации, вклучувајќи ги и спортските:
„Ги охрабрувам изричито одговорните засега да ги откажат манифестациите со повеќе од 1000 посетители или учесници. Сигурно е полесно да се воздржиме од одење на концерт, фудбалски натпревар, отколку од секојдневното одење на работа,“ изјави Шпан.
И проф. Д-р Лотар Вилер, директор на Институтот Роберт Кох, пледираше за откажување на масовни јавни манифестации, иако одлуката за тоа и натаму останува кај локалните здравствени власти.
Во светот во меѓувреме е потврдена инфекција со Ковид-19 кај преку 100.000 луѓе, иако црните бројки сигурно се многу повисоки. Во Германија бројот на инфицираните со коронавирус се искачи на над 1100.
Повеќе:
Ќе стигне ли вакцината против коронавирусот навреме?
Дали е коронавирусот многу подолго заразен?
Коронавирус - пандемијата доаѓа, преземете одговорност!
Засега не постои вакцина или специјална терапија против вирусот Ковид -19. Најголем дел од заразените имаат лесни симптоми типични за настинка, како чувство на студ и грлоболка, кои исчезнуваат за неколку дена, или пак немаат воопшто никакви симптоми. Околу 15 од 100 инфицирани имаат компликуван тек на болеста, засегнати се првенствено постари луѓе или оние кои имаат претходни заболувања.