1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија: Покраински избори среде корона – криза

13 март 2021

Среде пандемија ќе има избори во две германски покраини – Баден Виртемберг и Рајнланд Пфалц. Исходот од двете има импликации и за сојузната политика. 

https://p.dw.com/p/3qXQG
Themenbild Wahlen
Фотографија: eb-picture - Fotolia.com

Едно е сигурно: в недела (14.03) изборниот ден ќе биде како никогаш до сега во Германија. Поради страв од зараза од коронавирусот на избирачките места во Баден Виртемберг и во Рајнланд Пфалц преку пошта сакаат да гласаат толкав број граѓани колку никогаш претходно. Ова го потврдува и портпаролот на градот Хајделберг во Баден Виртемберг. „Очекуваме дека околу 50% од гласачите ќе се решат за гласање по пошта“. 

Можно е изборните места да бидат празни. Пандемијата преовладува насекаде. 

Можен пад на ЦДУ 

Речиси 11 милиони луѓе имаат право на глас во двете покраини. Оттука гласањето од овие избори може да послужи како показател за исходот на сојузните избори наесен. Како што сега стојат работите и двајцата покраински премиери би требало да си останат на позициите. Тоа би било удар за ЦДУ, партијата на канцеларката Ангела Меркел чија политичка кариера завршува наесен и таа повеќе нема да се кандидира. 

Покраински татко од „Зелените"

Веќе десет години на чело на Баден Виртемберг е Винфрид Кречман од Зелените, кој првично владееше во коалиција со СПД, па последните пет години со ЦДУ. Тој е единствен покраински премиер од Зелените во цела Германија. Во последно време популарниот „покраински татко“ се одвојува и според новите анкети, убедливо води пред останатите конкуренти со 35% поддршка. Уште пред неколку години Кречман го сподели за ДВ неговото мото кое гласи: „На прво место е земјата и луѓето. Потоа следи се друго, како на пример она што вие лично или партијата го сметаат за важно. Тоа е мојот принцип.“

Добар балансер

Кречман поентираше во однос на популарноста. Успеа да ги избрка предрасудите дека еден „Зелен“ ќе ја руинира економијата и автомобилската индустрија и винопроизводството. Кречман се покажа како приземен и народен, кој добро се разбира и со различно ориентирани од него, како премиерот на Баварија, Маркус Зедер од ЦСУ. 

Deutschland Probelauf Impfzentrum in Ulm
Винфрид Кречман го знае пулсот на граѓанитеФотографија: Stefan Puchner/dpa/picture alliance

Премиерот на Баден Виртемберг ја поддржа и бегалската политика на канцеларката во 2015-2016 година и курсот на владата во однос на пандемијата. Ако биде реизбран тоа ќе биде силен сигнал за можна коалиција меѓу Зелените и конзервативците и во Берлин. 

Малу Драјер (СПД) пред повторен триумф? 

И во Рајнланд Пфалц се чини дека актуелната премиерка од СПД, Малу Драјер ќе добие нов мандат. Таа е на чело на покраината од 2013 година, иако на изборите во 2016-та за фаворит се сметаше тогашната нејзина противкандидатка и актуелна министерка за земјоделие Јулија Клекнер. 

Драјер се потпираше на објективен курс и блискост со граѓаните. И успеа во тоа. На изборната ноќ и таа беше изненадена од својот успех: „Можеме да се радуваме. СПД во Рајнланд Пфалц се врати со старата сила. Успеавме и едноставно сме многу, многу јаки. Победивме на изборите што беше речиси незамисливо.“ 

Сета надеж на СПД е Драјер 

И Драјер исто како и Кречман ја сметаат за приземна и урамнотежена, некој кој избегнува остри тонови. Тоа ја прави една од ретките проблесоци на надеж за нејзината партија во изборната 2021 година. Според анкетите тие имаат само 15% поддршка на сојузно ниво и многу заостануваат зад Зелените и конзервативците. 

Rheinland-Pfalz Ministerpräsidentin Malu Dreyer
Малу Драјер, надежта на СПДФотографија: Thomas Frey/dpa/picture alliance

Но, во Рајнланд Пфалц социјалдемократите во анкетите имаат поддршка од 33%. Ако Драјер биде повторно избрана, таа би можела да ја продолжи коалицијата со Либералите и Зелените. За СПД тоа би било знак дека голем дел од гласачите сепак би го дале својот глас за партијата, доколку таа настапи со вистинските кандидати.

Онлајн кампања во време на корона 

 Во двете покраини кампањата беше целосно во знакот на корона. За гласовите во најголем дел битката се водеше онлајн. А, неодамна многу критикуваната политика на владата предводена од ЦДУ во справувањето со пандемијата веројатно допринела за гласовите за Кречман и Драјер. Во разговор со ДВ премиерката објаснува колку и неа и се променило секојдневието откако носат маски, држат растојание и се во локдаун. „Најголемиот дел од денот секако го трошам на премиерската работа и на короната. И тоа навистина е многу време така што морам навистина добро да се организирам за да стасам да правам и кампања. Но, ова е посебно време и не се развозувам од место до место во земјата."

Дополнителни потешкотии за ЦДУ со аферата за маските 

Двајцата, Кречман и Драјер, речиси една година се постојани учесници на небројните, раздвижени конференции на темата корона со канцеларката. Учествуваа во носењето на одлуката за првиот локдаун, а и за вториот, како и сите ограничувања на слободата на движење на луѓето. Тоа очигледно не нанело штета на нивниот углед. А, најновата афера за двајца пратеници на ЦДУ и ЦСУ кои по спорни зделки за набавка на заштитни маски истапија од своите партии, донесе уште повеќе потешкотии за ЦДУ.