Германија е супер! Но, дали е и „секси“?!
23 јануари 2016„Фудбалот е едноставна игра, трае 90 минути и на крајот победуваат Германците“. Она што Гери Линекер (поранешен англиски фудбалски репрезентативец - н.з.) го знаеше уште во 1990. година, го знае и остатокот на светот по 7 спрема 1 против понижените Бразилци на последното светско фудбалско првенство: Германија е број 1, барем на зелениот терен. Тоа сознание сега доживеа обнова во САД: победничкиот ген на Германците не завршува кај фудбалот. Според студијата „Бест кантрис“ (Најдобри земји - н.з.), претставена на Светскиот економски форум во Давос, Германија генерално е супер. Секогаш, се’ едно дали кај повторното обединување, обработката на двете светски војни или кај воведувањето на социјалното пазарно стопанство - Германија ги остава сите зад себе.
Бегалска криза? Нема проблем. Кога станува збор за миграцијата, Германија е далеку најомилена земја во светот - па тоа се гледа и во етничката разновидност на новата генерација. Германија како пример за практикуван мултикултурен живот? Тоа е сосем нов пристап, споредено со дебатата во Германија за „асимилација“ и „бегалска криза“.
Соната и кригла - вистинска смеса
Покрај одамна докажаните предводници на германските културни добра, како Бетовен и Кант, авторите на студијата ја фалат и германската „свест за традицијата“. Во студијата тоа примарно се илустрира преку Октоберфест, кој е фален со највисок тон. Севкупно студијата претставува целосен успех за Германија, па е консеквентно и признанието како „Најдобра земја на светот“.
Додека како претпазливо патриотски германски современик прво морам да преџвакам вакви англосаксонски анализи, авторите на студијата навистина биле сериозни: државите треба „да се продаваат“ како „марки“ и да имаат голем интерес да го негуваат својот имиџ, сметаат тие.
При обединувањето на сите анкети и истражувања, покрај медиумската агенција „Ју-Ес њус енд ворлд рипорт“ и консултантската фирма „БАВ Консалтинг“, учествувал и Економскиот факултет од универзитетот Пенсилванија - така да се каже, како научна поддршка. Приодот бил широко поставен: анкетирани биле вкупно 16.000 лица, кои врз основа на 75 категории оценувале вкупно 60 држави. На крајот од сето се извлечени 24 поединечни оцени.
Незагрозени позиции и во иднина
Во убедливо најголем дел Германците се најдоа сосем во врвот: број еден кај стопанските иновации, на чело кај поддршката за жените, ненадминати во почитувањето на човековите права и чудесно поврзани во оркестарот на меѓународни сили - ЕУ, ОЕЦД, НАТО или ОН - се’ едно: ги има насекаде и, се разбира, се омилени.
Значи, би можело да се каже „На Германија и’ оди добро“, и тоа не само затоа што според студијата овде, во споредба со светот, имало минимални разлики кај платите. Уште подобро - токму затоа што Германија има толку добар резултат, директните инвестиции, туризмот и надворешната трговија и во иднина ќе се развиваат сами од себе.
Недоволно „секси“
Но, да бидеме искрени: „Најдобра земја“? Секако, автобусите доаѓаат навреме, отпадот се селектира, сите се здравствено осигурани. Но, „најдобра“? Победнички ген и златен медал за сите со пасошот со бордо-боја? Звучи премногу убаво, за да е вистина. Погледот на крајот оди над студијата... и навистина уште има трага од негативен реализам!
Поради тоа овде следува некој вид предупредувачко укажување за сите кои, поднапиени од пиво, мавтајќи со знамиња и гласно свирејќи со сирената од автомобил од германска марка би сакале да ги засрамат метрополите од светот. Имено, има една категорија во која Германија има вистински лош резултат во анкетите - рубриката „Авантура“. Критериуми во неа се „пријателска настроеност“, „задоволство, забава“ и - внимание! - „секси“. Веќе се насетува. Точно! 0,1 поен од можни 10. Во таа категорија 45. место за Германија. Но, очигледно не може да се има се’. В ред, да им го препуштиме „секси“ на професионалците. Кому? Точно, на Бразил. Чиста десетка.