1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Напади врз жени во Келн и други градови

З. Јордановски/дпа/ртр5 јануари 2016

Отпосле се дозна: групи од мажи, веројатно од арапскиот свет, во новогодишната ноќ нападнале, ограбиле и сексуално малтретирале стотина жени во Келн и Хамбург. Се стравува од заострување на расположението кон бегалците.

https://p.dw.com/p/1HYBV
Фотографија: picture-alliance/dpa/O. Berg

Настаните од новогодишната ноќ во Келн, чија вистинска димензија дури сега се осознава, ја возбудуваат германската јавност. Полицијата, повикувајќи се на искази на сведоци, кои целосно се совпаѓале, соопшти дека на платото пред главниот влез во централната железничка станица во Келн во новогодишната ноќ се собрале околу илјада мажи, кои „според изгледот потекнуваат од арапскиот и северноафриканскиот регион“. Потоа, поделени во групи, тие опколувале, напаѓале, ограбувале и сексуално малтретирале жени. Станува збор за сексуални деликти во многу масивна форма и за едно силување, извести шефот на келнската полиција Волфганг Алберс.

„Во принцип тоа е организиран криминал“

Полицијата вели дека на терен таа ноќ биле сите сили со кои таа располага. Полицајците распоредени кај железничката станица и во непосредна близина до неа прочуената келнска катедрала, очигледно не можеле да излезат на крај со ситуацијата. „Имав чувство дека полицијата и обезбедувањето на железницата не само што не беа во состојба да се справат со настаните, туку и се плашеа дека ситуацијата би можела да ескалира“, опишува една жена, која и самата повеќепати била опкружена од напаѓачи. Првите информации во полицијата стигнале дури по 1 часот по полноќ, кога биле поднесени пријави од страна на жени кои биле нападнати. Досега се поднесени 90-ина пријави. „Она што таму го констатиравме е дека во принцип тоа е организиран криминал“, изјави Арнолд Пликерт, шеф на полицискиот синдикат за покраината Северна Рајна Вестфалија. Тој побара да се истражи како било можно тие илјада луѓе да дојдат и да се состанат во Келн.

Напади и во Хамбург и Штутгарт

Според полицискиот синдикат, такви феномени биле регистрирани и во Хамбург и Штутгарт. Досегашните сознанија укажуваат дека според истиот принцип како и во Келн, биле извршени 10 напади во Хамбург, каде млади жени на возраст од 18 до 24 години биле сексуално малтретирани и им биле одземани мобилни телефони, пари и документи. И таму описот на напаѓачите се совпаѓа со оние од Келн - помлади мажи од арапскиот свет. Полицијата бара сведоци и смета дека ноќта помеѓу 1 и 3 часот имало многумина кои славеле и се фотографирале, па можат и да помогнат во истрагата.

Deutschland Hauptbahnhof in Köln bei Nacht
Железничката станица во КелнФотографија: picture-alliance/dpa/O. Berg

Мерки за безбедност за гостите на карневалот

Хенриете Рекер, градоначалник на Келн, ги оцени инцидентите како „ужасни“. Недозволиво е посетителите што доаѓаат во Келн да се плашат дека ќе бидат ограбени. Таа свика и вонредна седница на градските и безбедносните структури во врска со инцидентот. Треба да се договорат и натамошни безбедносни мерки, оти во текот на месецов во градот претстојат карневалски манифестации, а на 7. февруари, на таканаречениот Розенмонтаг, ќе се одржи големата карневалска поворка која привлекува и до милион посетители.

Политиката е алармирана

Сојузниот министер за правда Хајко Мас најостро ги осуди „гнасните“ напади во Келн и побара „сите сторители консеквентно да бидат откриени и повикани на одговорност“. Тој смета дека станува збор за целосно нова „димензија на организиран криминал“. Слични оцени искажа и сојузниот министер за внатрешни работи Томас де Мезиер, кој побара поради овие напади да не бидат ставени под генерално сомнение сите бегалци кои во Германија побараа прибежиште. И Клаудија Рот, потпретседател на Бундестагот и поранешен претседател на Зелените, предупреди на обиди инцидентите да се злоупотребат за да се создава расположение против бегалците.

Ханелоре Крафт, покраински премиер на Северна Рајна Вестфалија, искажа „вчудовиденост од ескалацијата на насилство во Келн“ и побара „во оние случаи во кои се исполнети предусловите“ криминалните сторители да бидат протерани од Германија.

Фракцијата на либералите во покраинскиот парламент оцени: „Кога дури и со засилено присуство како во новогодишната ноќ полицијатавеќе не успева да спречи кривични дела и веднаш да ги уаспи сторителите, нашата правна држава е разнишана“.