Германија бара итно ослободување на Навални
18 јануари 2021„Алексеј Навални, по опоравувањето, без принуда и свесно се врати во Русија, затоа што смета дека тоа му е личната и политичка татковина. Сосема е неразбирливо тоа што беше уапсен од страна на руските власти веднаш по пристигнувањето“, соопшти шефот на германската дипломатија Хајко Мас изутринава. Според Мас, Русија со својот Устав и меѓународните обврски е обврзана на принципот на владеење на правото и заштитата на граѓанските права: „Тие принципи, се разбира, мора да се применат и во врска со Алексеј Навални. Тој треба да биде ослободен веднаш“, нагласува Мас. Министерот за надворешни работи во врска со нападот со отров врз Навални потенцира: „Се' уште чекаме Русија да стори се' за целосно да го расчисти овој напад и да ги изведе одговорните пред лицето на правдата.“
Повеќе:
Руските власти го стегаат обрачот околу Навални
Русија воведува санкции против Германија во случајот Навални
ЕУ со нови санкции против Русија
Алексеј Навални во август беше жртва на напад со забранетиот нервен отров новичок, по што беше на лекување во Германија. Во неделата се врати во Русија и беше уапсен веднаш по пристигнувањето. 44-годишниот руски опозиционер, по кого беше распишана потерница, останува во истражен затвор до одлука на судот, соопшти Управата за извршување на санкции. Руските власти тврдат дека критичарот на Кремљ во текот на својот престој во Германијаја прекршил условната казна од 2014 година.
Навални за нападот со новичок го обвинува рускиот претседател Путин и тајната служба ФСБ. Путин тоа го отфрла. Независно од опасноста по неговиот живот, Навални повеќепати изјави дека неговотот место е во Русија и дека таму сака да ја продолжи борбата против „системот Путин“.