Габриел: Светот е на работ на бездна
17 февруари 2018Светот во оваа 2018. година е стигнат пред опасна бездна, смета Зигмар Габриел.
„Пресметливоста и доверливоста моментно се чини се работи за кои владее оскудица во меѓународната политика. Веќе не сме сигурни дали ја препознаваме нашата Америка. Дали делата, зборовите или твитовите се она според што треба да ја мериме Америка?“ запраша германскиот министер за надворешни работи Зигмар Габриел денеска во своето обраќање на Минхенската безбедносна конференција. Истото, според него, важи и за трансатлантските односи. Кина и Русија го доведуваат во прашање западниот либерален поредок, услови во кои САД би требало да имаат интерес од тесно партнерство со Европа.
Сирискиот конфликт, рече Габриел, по шест крвави години на граѓанска и посредничка војна се движи во правец на „акутна воена опасност дури и за нашите најблиски партнери.“
Во поглед на украинскиот конфликт, шефот на греманската дипломатија се изјасни за намалување на ЕУ-санкциите против Русија. „Знам дека официјалната позиција е поинаква“, изјавил Габриел при средбата со својот руски ресорен колега Сергеј Лавров на маргините на Конференцијата во Минхен, апелирајќи за прекин на огнот во источна Украина и повлекување на тешкото оружје. Тој експлицитно го поддржал предлогот на рускиот претседател Владимир Путин за обезбедување на молкот на оружјето преку испраќање сини шлемови на ОН во земјата.
Прочитајте повеќе:
„Ако тоа ни успее, тогаш треба да почнеме постепено да ги укинуваме санкциите“, смета Габриел. Официјалната линија инаку е дека санкциите можат да се прекинат ако стопрпцентно се исполнат одредбите на Минскиот мировен договор за источна Украина. Но, за Габриел „ова не е реалистична позиција.“ Германија стреми кон повторно подобрување на односите со Русија.
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров на настапот во Минхен исто така призна дека постои влошување на односите со Москва, но за тоа вината му ја припиша на Запад. „Наша цел отсекогаш била развој кој би водел кон обострана предност. Но, Западот за жал, не го одбра патот на 'златната средина' за постигнување на целта“, рече Лавров. Тој се пожали дека по распадот на Советскиот Сојуз, неговата земја од Запад е третирана постојано како „ученик“, а дадени ѝ биле и лажни ветувања дека НАТО нема да се проширува кон Исток. Сега пак, се зборува за „закана од Русија“ и се врши негативно вреднување на нараснатото руско влијание во светската политика. Лавров побара од ЕУ, НАТО и САД кон Русија да се однесуваат со почит.
Минхенската безбедносна конференција започна вчера, три дена Минхен е центар на светската безбедносна политика и разгледувањето стратегии за решавање на конфликти и кризи и размена на мислења.