Г7 - толку многу хармонија одамна немало
11 јуни 2021Без оглед на пандемијата, британскиот премиер Борис Џонсон ја покани групата од седум најмоќни демократии во светот на самит во Карбис Беј. Речиси 60% од луѓето во Велика Британија се вакцинирани најмалку со прва доза, но сепак бројот на нови инфекции од пред две недели драстично расте. Заразната варијанта „Делта“, по потекло од Индија, се шири низ земјата. Делегациите од Г7 се подложени на огромен опфат на секојдневни корона-тестови и хигиенски мерки, истото важи и за безбедносните сили и медиумските претставници.
Но, не секогаш успешно – хотел, во кој биле сместени и две лица од обезбедувањето од германската делегација, морало да биде затворен. Инцидентот нема влијание врз текот на самитот, но потсетува дека пандемијата во светот ни оддалеку не е завршена.
Премиерот Џонсон меѓутоа останува на планот- на 21 јуни да укине бројни рестрикции во секојдневниот живот, обврската за носење маски и забрана за контакти. Велика Британија инаку има една од највисоките стапки на смртност од Ковид-19 во светот.
Хармоничен почеток
Синоќа, пред денешниот почеток на самитот, американскиот претседател Бајден со сопругата Џил се сретнаа со Џонсон и неговата сопруга Кери. Џил Бајден носеше јакна со натпис „Љубов“, тоа е добро мото за самит во тешки времиња, изјави првата дама на прашањата на новинарите.
Огромни трошоци
3.000-те жители на малото место Карбис Беј не биле многу среќни поради посетата на високите гости, како што објавија некои локални медиуми. Селото со денови ќе биде заградено со три метри висока жичена ограда, улиците се блокирани, последица се долги застои. Запрен е и железничкиот сообраќај, Во заливот патролираат бродови на морнарицата, во акција се нуркачи и глисери на елитните единици.
Во Корнвол се присутни околу 6.000 полицајци заради безбедноста на британскиот премиер, американскиот претседател и другите гости: францускиот претседател Емануел Макрон, германската канцеларка Ангела Меркел, италијанскиот премиер Марио Драги, канадскиот премиер Џастин Трудо, јапонскиот премиер Јошиде Суга, како и претседателот на Советот на ЕУ- Шарл Мишел и претседателката на Европската комисија- Урсула фон дер Лајен.
Широка палета на теми: клима, корона, Кина
Дневниот ред на Г7 до в недела е долг. Пред самитот учесниците ги најавија своите очекувања. Францускиот претседател сака натамошни чекори во поглед на заштита на климата. Канцеларката Меркел сака да разговара околу стратегијата кон Русија. На италијанскиот премиер на срце му лежи обновата на економијата по пандемијата. Американскиот претседател пред сѐ сака сојуз на демократиите против Кина.
Сите заедно се изјаснија за ставање на располагање повеќе дози вакцини против Ковид-19 на посиромашните земји во светот. Бајден вети, откако во САД се вакцинираат најголем дел од граѓаните, а по повеќемесечен притисок од ОН, да извезе не само 80 милиони, туку 500 милиони дози вакцини. Тие треба да бидат донирани во меѓународната програма Ковакс. Свој придонес во Ковакс ветија и ЕУ, Германија и Франција.
Повеќе:
Бајден во историска посета на Европа
Бајден во Европа ќе ги зајакнува трансатлантските врски
Самит Г7: Бајден сака да ја поврати Европа
Фотографија на денот: 500 милиони вакцини за светот
Според мислењето на дипломати од ЕУ, постојат доволно финансиски средства и ветени донации, но недостигаат расположливи вакцини. Г7 планира да дискутира и околу укинување на патентите за вакцини, на неочекуван предлог на американскиот претседател. Франција евентуално би се приклучила на овој предлог, Германија и ЕУ засега го одбиваат, зашто укинувањето на правото на патенти нема да води кон зголемено производство, смета еден германски дипломат. Урсула фон дер Лајен се залага за давање лиценци на поголем број фабрики во светот за продукција на вакцини и изградба на капацитети во Африка, Азија и Латинска Америка.
Обновен сојуз
Вечерта во пресрет на самитот британскиот премиер и американскиот претседател потпишаа нова „Атлантска повелба“, која се надоврзува на првата повелба потпишана во 1941 година од тогашниот премиер Винстон Черчил и американскиот претседател Франклин Рузвелт во Втората светска војна, заради истакнување на посебните врски меѓу двете нации.
„Не е преувеличување ако се каже дека оваа обновена Повелба за врските меѓу Северна Америка и Европа игра важна улога за безбедноста и благосостојбата во светот“, изјави Џонсон. Тој е задоволен што Бајден внесува „свеж ветер“ во односите. Неговиот претходник Доналд Трамп силно ја спречуваше меѓународната соработка и во Г7. Борис Џонсон меѓутоа беше силно воодушевен од популистот Трамп при неговата посета на Велика Британија. Трамп оцени дека Брегзит, односно излегувањето на Британците од ЕУ, е правилно, додека Бајден овој чекор го оцени за грешка.
Алтернатива за Патот на свилата
До в недела претставниците на најважните западни демократии ќе се обидат да најдат заеднички позиции за бројни проблеми, заради спротиставување кон автократии и диктатури како Русија и Кина.
Тоа нема да биде едноставно, со оглед на различноста на интересите на седумте држави. Веројатно ќе биде постигната согласност за глобална иницијатива за повеќе инфраструктурни инвестиции во Африка и на Западен Балкан. Со оваа идеја САД сакаат да постигнат контрапункт кон кинеската иницијатива наречена Пат на свилата, со која Пекинг постигна големо влијание во бројни посиромашни држави. И ЕУ-членки како Унгарија, Грција или Италија учествуваат во кинескиот проект Пат на свилата.
Од германски владини кругови се вели деека Берлин во принцип ја поддржува западната инвестициска иницијатива, но деталите мора да бидат доразработени. „Околу тоа мора натамошно да разговараме“, велат луѓе од опкружувањето на канцеларката, која посилно се залага за соработка со Кина во економски поглед од другите учесници во Г7. Ова е последниот Г7 самит на кој учествува Ангела Меркел. Таа по 16 години на функцијата канцелар, реши да не настапи на изборите за Бундестаг во септември.