1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Гестот на „псевдосолидарност“ на Вучиќ

Самир Хусеиновиќ
3 март 2021

Александар Вучиќ во Сараево врачи подарок - на самиот себеси, тврдат аналитичари, потсетувајќи дека српскиот претседател неодамна, како навреда, ја отфрли понудената помош од БиХ за Србија. Бележиме и позитивни реакции.

https://p.dw.com/p/3q8FL
Serbien spendet Covid-19 Impfungen an Bosnien und Herzegowina
Фотографија: Serbian Presidential Press Service/AP/picture alliance

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, вчера на членовите на Претседателството на Босна и Херцеговина им врачи 5.000 дози вакцини против коронавирусот кои Србија ги донираше за потребите на Федерацијата на Босна и Херцеговина (ФБиХ). Во таа пригода најавен е и „голем“ самит БиХ-Србија во Белград, на кој би требало да се разговара за сите отворени прашања. Посетата на Вучиќ на Сараево и донацијата вакцини за ФБиХ, предизвика бројни позитивни, но и негативни реакции во БиХ.

Жељко Комшиќ: „Ако само една вакцина спаси еден живот, вреди сѐ“

Членовите на Претседателството на БиХ му се заблагодарија на Вучиќ за донацијата, бидејќи тоа се први вакцини кои доаѓаат во ФБиХ. Имено, властите во БиХ при набавката на вакцини се потпираа само на Ковакс механизмот кој, кога станува збор за оваа земја, сѐ уште не профункционирал.„Република Српска (РС) донациите ќе ги користи за вакцинирање на здравствените работници, а ФБиХ добива 10.000 вакцини за вакцинирање на 5.000 здравстени работници“, изјави претседавачот со Претседателството на БиХ, Милорад Додик.

Serbien spendet Covid-19 Impfungen an Bosnien und Herzegowina
Фотографија: Serbian Presidential Press Service/AP/picture alliance

„Ако само една од овие вакцини спаси еден живот некому во БиХ, тогаш вреди сѐ“, рече Жељко Комшиќ, член на Претседателството на БиХ. „Во ситуација кога не функционираат глобалните механизми за набавка на вакцини, претседателот Вучиќ прати понуда и ние ја прифативме... Солидарноста, меѓусебната почит се принципите на кои БиХ сака да ги гради односите со соседите Србија, Хрватска и Црна Гора. И нашата солидарност секогаш била присутна. Ние праќавме лекари во Нови Пазар кога таму пандемијата беше во пикот. Треба да ги релаксираме односите“, порача Шефик Џаферовиќ, член на државното Претседателство.

Најавен голем самит БиХ - Србија

Претседателот на Србија, Вучиќ, рече дека донацијата не е важна само поради вакцините, туку и поради доверба. „Среќен сум ако со тоа спасиме животи, тоа е важно“, нагласи Вучиќ, споменувајќи дека на состанокот со членовите на Претседателството на БиХ замолил да се организира голем самит на Србија и на БиХ во Белград, на сите нивоа од административната власт и стопанственици. „Да биде тоа најголем самит кој сме го направиле, доверба, отвореност, и да видиме можности пошироко да ги отвориме границите едни со други“, рече претседателот на Србија.

Serbien spendet Covid-19 Impfungen an Bosnien und Herzegowina
Фотографија: Elman Omic/AA/picture alliance

Министерката за надворешни работи на БиХ, Бисера Турковиќ, за ДВ вели дека, покрај отворените прашања, односите меѓу БиХ и Србоја се добри и дека е важно тие да бидат „добрососедски со големо меѓусебно уважување и почит“.

Повеќе:

-Фотографија на денот: Српски вакцини за Босна од пријателот Вучиќ

-Вучиќ- политичка ѕвезда во Македонија

-Србија со вакцината го провоцира Косово

Шефицата на дипломатијата на БиХ очекува една од темите на најавениот самит да  биде економската соработка и борбата против последиците од пандемијата на Ковид-19. „Примерите за донација на вакцините и испраќањето лекари од БиХ во Србија на помош, имаат големо симболичко значење. Верувам дека тоа може да води и во некои суштински напредоци“, вели Бисера Турковиќ.Таа истакнува оти зајакнувањето на регионалната соработка е стратешка определба на БиХ, која во иднина може да донесе напредок за сите земји во регионот и да го подобри животниот стандард.

Елмедин Конаковиќ: „Лидерите без гордост и чест вистински ги понижија граѓаните на БиХ“

Претседателот на народот и правдата (НиП), Елмедин Конаковиќ, е еден од оние кои сметаат дека граѓаните на БиХ биле понижени од донацијата од Србија. „Тој ја одбива помошта на БиХ за болницата во Нови Пазар во износ од 50.000 евра и ја нарекува навреда. По седум месеци, тој носи вакцини, со приближно иста вредност и го нареди целото Претседателство за да го пречека на аеродромот и да му аплаудира со ентузијазам и вели дека мора да си помагаме едни на други во неволја. Од тоа направи светска приказна, медиумите го промовираат како миротворец на Балканот“, изјави Конаковиќ.

Лидерот на НиП, исто така, забележува дека Вучиќ „успева да негира геноцид“, оти водачите на БиХ „немаат гордост и чест“ и дека „вистински ги понижиле“ граѓаните на БиХ. „Сето ова се случува додека Србија крие најмалку 10 обвинети за воени злосторства во БиХ“, рече Конаковиќ.

Serbien spendet Covid-19 Impfungen an Bosnien und Herzegowina
Фотографија: Serbian Presidential Press Service/AP/picture alliance

Политичкиот аналитичар и психолог Есад Бајтал забележува дека српските донации на вакцини за коронавирусот пристигнаа одделно, за РС и ФБиХ и оти би било „политички покоректно“ и „човечки поискрено“ доколку одделните испораки на ентитетите беа обединети во единствен подарок од БиХ. „Бидејќи ова е коментар за ДВ, сакале или не, асоцијативно доаѓаме кај Хегел и неговата, за логиката на размислување што следува, клучна реченица - 'Ништо не е дадено ако претходно не е посакувано'. Колку што знаеме, никој од ФБиХ не бараше, ниту посакуваше такво нешто од Вучиќ. Но, еве пристигна. Со овој гест, кој, говорејќи со јазикот на Хегел, не сме го сакале ниту сме го посакувале, Вучиќ не ни дава ништо нам, туку на самиот себе. А што е тоа? Она што психоанализата го знае како слика за себе. А тоа е фикција, имагинарен, разубавен лик во кој поединец се замислува и се претставува себеси. Се разбира, таа подобра, поубава слика за себе е значително различна од реалната слика на една личност, и како одбранбен механизам, таа е наменета не само за другите, туку и за зачувување на одамна изгубената почит и самопочит “,  истакнува Бајтал.

„Вакцина-политиката“ на Вучиќ и чоколадото на Младиќ

„Во таа смисла, 'подарокот' на Вучиќ, би сакал да грешам, изгледа како дипломатски, внимателно проектиран гест на псевдосолидарност, наменет за урби и орби. За градот и светот. Со пораката - не сум тој што сум и каков што ме познавате, туку ваков каков што ме гледате и ме слушате денеска во Сараево. А тој зборуваше наменски убаво, допадливо и, би се рекло, крајно помирливо. Како никогаш да не ни помислил, да зборувал и заканувачки да порачувал дека за 'еден Србин ќе убие стотина муслимани'! Критички гледано, и на трагата на историското сеќавање што јасно го имаме од крвавите воени години, вакцината на Вучиќ потсетува на оние чоколада од Младиќ, кои генералот плански  'великодушно', и, се разбира, пред донесените ТВ-камери, им ги подаруваше на невините и гладни деца во Сребреница, додека, од друга страна, зад грбот на децата, во стилот на Ајхман ги депортираше нивните татковци, браќа и роднини до места однапред подготвени за погубување“, вели Бајтал.