1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Вучиќ - бајката за добриот Европеец

Драгослав Дедовиќ
3 април 2017

„Проевропскиот кандидат“ однесе јасна победа на изборите во Србија, известуваат западните медиуми во форма на мантра. На тој начин на Александар Вучиќ прерано му се доделува жиг за квалитет, смета Драгослав Дедовиќ.

https://p.dw.com/p/2aXrh
Serbien Präsidentschaftswahl Aleksandar Vucic
Фотографија: Reuters/A. Bronic

Зошто, без оглед на неговите авторитарни тенденции, Александар Вучиќ на многумина политички аналитичари им се чини умерен? Во прва линија, виновна за тоа е општата политичка глобална временска ситуација. Откако Лондон и Вашингтон ѝ вртат грб на ЕУ, добредојден е секој нејзин деклариран фан, па дури и ако доаѓа од Белград.

Во суштина, досегашниот српски премиер, кој сега е избран за претседател на државата, во идните пет години може да владее без позначаен политички отпор. На предвремените парламентарни избори минатата година тој си обезбеди двотретинско мнозинство во парламентот. Сега, како шеф на владејачката Српска напредна партија и истовремено новоизбран претседател, тој ќе поседува концентрација на власт каква не постоела по ерата на Милошевиќ, без оглед што претседателската функција во Србија има првенствено репрезентативен карактер.

Но, формалната независност на институциите во Србија сѐ уште не е реалност. Моќта е лоцирана онаму каде што резидира политичкиот алфа-поглавар. Претседателот Вучиќ ќе инсталира нему подреден премиер. Ако владата работи успешно, и претседателот ќе се кити со ловорики. Во спротивно, јавно ќе се дистанцира од неа, дури ќе стане остар критичар на владата. Тој веќе не мора да се труди да прави нешто, туку ќе остави другите да прават. А на крајот, ќе ги фали или казнува верните слуги кои ја реализираат неговата агенда.

Кристално чист демократ 

Наклоноста на Вучиќ да ги навредува новинарите, да ја мрази опозицијата, како и неговите манипулативни владејачки методи, многу добро се познати во западните престолнини. „Оф рекорд“, се признава дека овој високофален, наводно кристално чист демократ, дома покажува поинакво, болно нарцисоидно и не баш демократско лице. Но, сѐ додека тој се позиционира повеќе или помалку помирливо во однос на конфликтната тема Косово и неуморно ја повторува мантрата за стабилност, и во прагматичниот Запад радо ќе ја минимизираат очајната состојба на медиумите и правосудството во Србија.

Во споредба со крвавото минато, сегашните состојби во Белград и онака се речиси идеални. Кога ќе се земат како мерило и актуелните внатрешнополитички тензии во Босна и Херцеговина, Македонија и Косово , Вучиќ, регионално гледано, е едно фино момче кое на Западот не му приредува сериозни проблеми. Така, тој може да се „издува“ во Србија, во изборната кампања на речиси сите телевизиски канали да се појавува десетпати почесто отколку кој било од опозицијата и да ги уценува гласачите со нивните работни места.

Владее надеж дека во текот на ЕУ-пристапните преговори, владејачкиот стил на Вучиќ ќе стане поумерен. Но, оваа надеж може да се покаже како лажна. Повторно легитимираниот самовладател во следните пет години може уште појасно да го покаже своето вистинско лице.