Втората светска војна и Франција
27 мај 2005
Франција има три национални празници: на 14 јули се слави француската револуција и нападот врз Бастилја; на 18 ноември се потсетува на германската капитулација во Првата светска војна, а на 8 мај се одбележува крајот на Втората светска војна.
Поранешниот претседател на Франција Валери Жискар Д’Естен имаше добра намера во врска со германско-француското помирување кога во 1975 година реши 8 мај да го избрише како национален празник. Со тоа повеќе го вреднуваше 11 ноември 1918 година, но ги шокираше ветераните од движењето на отпорот од Втората светска војна кои и натаму сакаа да ја слават втората германска капитулација во 20-тиот век. Д’Естен мораше да го повлече решението.
8 мај, колку и помпезно да се одбележува, во свеста на Французите има горчлив вкус. Во мај 1940 година германскиот Вермахт влезе во Франција. Неколку недели подоцна се распушти Третата република, а националното собрание сета власт му ја префрли на маршал Филип Петен кој веднаш формираше нова влада со седиште во Виши која практикуваше политика на соработка со хитлерова Германија.
Окупацијата на целата земја од страна на германските трупи во 1943 година и ослободувањето на француските градови од страна на трупите на алијансата по истоварувањето во Нормандија во јуни 1944 година на целиот свет му ги покажа слабостите на Франција и го релативираше значењето на отпорот. Дури по повикот на генерал Шарл Де Гол од Лондон се формираа поединечни групи борци кои ги поддржуваа силите на алијансата и групите во егзил при враќањето на земјата.
По 1945 година Франција се напрегаше да направи се никогаш веќе да не биде слаба и беспомошна како во 1940 година. За „Големата нација„, патем епитет што го смисли германскиот неделник „Шпигел„, 8 мај е почеток на новата свест, свест која со Жан Д’Арк и Наполеон ја одбележа историјата, но под Петен го доживеа крајот. Денес често со насмевка искажуваниот престиж е директна последица на таа историска слабост што заврши со 8 мај.
Кога Рузвелт, Черчил и Сталин одново го регулираа светскиот поредок, Франција не беше застапена; францускиот неуспех во Индокина; тешкотии во тоа време кога западниот дел на Германија го доживуваше економското чудо; војната во Алжир, сето тоа беа јасни сигнали дека Франција ја загуби својата позиција на моќ во светот.
Дури враќањето на генерал Де Гол во 1958 година го најави долго очекуваниот полет: Франција стана атомска сила, на колониите во Африка им беше овозможена независност, а крајот на непријателствата со Германија кое до денес важи како помирување без пример, беше запечатен.
8 мај за Франција значи болно и бавно будење од заспаноста и надеж за нова „голема ера„ .