1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Втора трка, втора победа на Мерцедес

СН/жа/мф/сид30 март 2014

По победата на Нико Розберг во Мелбурн на стартот на годинешната сезона во Формула 1, на втората трка од шампионатот во Малезија најдобар беше неговиот тимски колега Луис Хамилтон.

https://p.dw.com/p/1BYae
Фотографија: Reuters

Британецот Луис Хамилтон победи на втората трка во овогодишниот шампионат во Формула 1, откако беше најбрз на трката за Големата награда на Малезија. Успехот на Мерцедес го надополни Нико Розберг кој трката на патеката „Сепанг“ ја заврши на втората позиција.

Хамилтон, во Малезија, рутински си ја заврши работата, откако стартуваше од пол позицијата и во ниту еден момент не им дозоволи на конкурентите да му ја загрозат победата. Хамилтон на целта имаше време од 1:40:25.974 часа.

Британецот ја запиша 23-та победа во кариерата, со која на вечната листа се израмни со трикратниот светскиот првак Нелсон Пике.

Второто место му припадна на Нико Розберг, кој победи на првата трка оваа сезона во Австралија. Германецот уште во првиот свиок од третата позиција се проби на втората позиција, на која остана до крајот на трката.

Одличен резултат во Малезија оствари актуелниот светски првак Себастијан Фетел кој го комплетираше триото на подиумот.

Трагичар на трката е вториот возач на Ред Бул, Даниел Рикардо, кој поради сопствена грешка во боксот, во моментот кога беше на четвртото место, не ја заврши трката.

Бодови во Малезија освоија уште Алонсо (Ферари), Хилкенберг (Форс Индија), Батон (Мекларен), Маса и Ботас (Вилијамс), Магнусен (Мекларен), Квјат (Торо Росо).

По две трки лидер во генералниот пласман е Нико Розберг кој има 43 бода. Наредната трка на програмата е за една недела во Бахреин.