1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Вретос: Грција не сака дестабилизирана Македонија

15 април 2011

Константинос Вретос, шеф на грчката делегација при ПС на СЕ, за Дојче веле се осврнува на проблемот меѓу Македонија и Грција околу името и на идејата за почеток на преговорите со ЕУ, без преходно решавање на спорот.

https://p.dw.com/p/10u9N
Фотографија: Toni Glamcevski
„Тоа е идеја, но ако зависи од рефрендумот кој се предвидува во случај да биде најдено решение во преговорите, во таков случај не може да започнат преговорите, бидејќи за исходот на референдумите никогаш не сме сигурни. Ние од наша страна зборуваме за решение за името кое ќе биде и уставно име на земјата и име кое ќе биде користено насекаде“, истакнува шефот на грчката парламентарна делегација при ПС на СЕ, Константинос Вретос.

Владата во Скопје треба да стори се` за решавање на спорот
На прашањето, што доколку не се најде решение за спорот и стравувањата дека Македонија може да остане надвор од ЕУ и НАТО, Вретос одговара:
„Сфаќам што сакате да кажете, вистина е дека ПЈРМ е кревка земја. Грција во никој случај не сака таа да биде дестабилизирана, но владата на ПЈРМ е таа, која треба да го сфати тоа, бидејќи таа носи одлуки и таа треба да направи се` што е потребно, за да се најде решение.“
На прашањето дали се надева дека ќе биде најдено решение за спорот со името меѓу двете земји, пред да биде соопштена пресудата на Меѓународниот суд од Хаг, Вретос нагласува:
„Не можам да знам дали тоа решение ќе биде најдено пред пресудата. Но, би било добро, ако се најде решение пред соопштувањето на пресудата. Мислам дека одењето пред судови не е најдобрата опција за решавање на проблемите. Грција секогаш се обидува да изнајде решенија во односите со соседните земји.“
Автор: Тони Гламчевски
Редактор: Трајче Тосев